ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ПЛАТИТЕ ВО СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ СО ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ДЕКА ТОА ЌЕ ВЛИЈАЕ НА НИВНОТО ОДНЕСУВАЊЕ

    ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ПЛАТИТЕ ВО СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ СО ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ДЕКА ТОА ЌЕ ВЛИЈАЕ НА НИВНОТО ОДНЕСУВАЊЕПлатите ќе се изедначат со онаа на претседателот и премиерот - Од последната седница на Советот на јавни обвинители (Фото: СДК.МК)

    По падот на историско најниско ниво на доверба на граѓаните во обвинителството, во ек на владини мерки за штедење поради енергетската криза, Владата предлага законски измени за зголемување на платите на членовите на Советот на јавни обвинители. Обвинителството, според последното истражување на ИРИ, е институција со најниска доверба во земјата – 3 отсто.

    Според предложените измени, коефициентот на претседателот на Советот на јавни обвинители се зголемува од 4.0 на 4,5, колку што е на претседателот на Македонија Стево Пендаровски, на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери.

    Овој коефициент се множи со просечната плата за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Во октомври годинава изнесуваше 33.104 денари, па следната година, ако поминат предложените измени, претседателот на Советот ќе има основна бруто плата од околу 2.500 евра. На оваа плата, се додаваат суми за работен стаж, додатоци за ризик и доверливост што секој месец на седница си ги изгласуваат членовите на Советот, и други ставки.

    На заменик-претседателот на Советот на јавни обвинители и на останатите членови, коефициентот за плата им скока од 3.7 на 4,26.

    Предлагачот на законот, министерот за правда Никола Тупанчески навел дека платите на членовите на Советот, ќе влијаат на нивното однесување.

    „Со овие законски измени ќе се подобри материјалниот статус на членовите на Советот на јавните обвинители. Платите на членовите на Советот влијаат на нивното однесување, вклучувајќи ја и нивната независност“, пишува во предлог-законот, веќе ставен на денешната 74. седница на Собранието.

    Владата бара измените да се донесат по скратена постапка.

    „Цел на предложените законски измени е надградување на системот на плати на членовите на Советот на јавните обвинители, соодветни на значењето и угледот на функцијата кои ја вршат, тежината на работата и нивната одговорност. Со предложените одредби се прилагодува коефициeнтот за утврдување на плата на членовите на Советот согласно вкупните заложби за подобрување на материјалните и финансиски ресурси во правосудниот систем вклучително и платите и другите надоместоци“, пишува во предлогот.

    Советот на јавни обвинители нема некоја пренапорна работа. Не врши ни оценување на јавните обвинители, а не оди ни во контроли на обвинителствата, како што оценува судии Судскиот совет и како што оди во контрола на судовите. Обвинителите се оценувани од вишите обвинители, односно од републичките и од државниот обвинител.

    Една од надлежностите е да ги разгледува годишните извештаи на обвинителствата. Со последниот пример минатата недела, Советот избра Виш обвинител на Скопје кандидат кому пред 6 месеци на седница му упатил сериозни критики за работењето.

    Транспарентноста во изборот, односно унапредувањето на обвинителите, се сведува само на пуштање новинари на седница, кои освен за оценката и неколку општи податоци за кандидатите, не може да слушнат други аргументи „за“, „против“ или за гласање „воздржан“.

    Многу од обвинителите кои се кандидирале на оглас, а отпаднале на изборот, бараат потоа информации од новинарите – зошто тој и тој член гласал против него, дали имало образложение? Поради тоа, и самите обвинители сметаат дека Советот унапредува обвинители по туѓа волја и диктат однадвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира