Клиничката болница во Тетово ќе биде целосно реконструирана, модернизирана и функционално реорганизирана преку стратешки проект вреден околу 74 милиони евра. Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека инвестицијата од 4,56 милијарди денари треба трајно да го промени начинот на обезбедување здравствени услуги во Полошкиот регион.
Како што објави министерот на Фејсбук, реализацијата на овој потфат ќе се одвива според меѓународни практики, со комбинирање на државни средства и финансии од меѓународни финансиски институции структурирани на одржлив начин. Предвидена е целосна обнова на постојните капацитети, набавка на современа медицинска технологија и опрема, како и изградба на две нови модерни згради. Сите болнички објекти ќе бидат функционално поврзани со топли коридори со цел побезбедно и поефикасно движење на пациентите и здравствениот персонал.
Алиу вели дека целта е премин од раздвоени и амортизирани објекти кон интегриран и функционален систем кој ќе реагира навреме. Според него, оваа регионална здравствена установа ќе им овозможи на граѓаните од Полошкиот регион да добијат квалитетна услуга поблиску до нивното место на живеење. Тој смета дека со овој проект не се градат само ѕидови, туку се воспоставуваат нови стандарди и достоинство во здравството.
Проектот вклучува и развојна компонента во соработка со Универзитетот во Тетово. Професорите и студентите по медицина за првпат ќе добијат соодветни услови за работа и практична обука според стандардите на современото здравство. Министерот додаде дека ваквите проекти се витални за иднината на здравствениот систем во државата.



