Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје линеарно поделила бонуси на сите вработени, а доби екстра 20 милиони денари преку Фондот за здравство од ребалансот на буџетот за 2017 година. Бонуси, како што велат извори од Клиничкиот центар, поделиле уште неколку скопски клиники, но САКАМДАКАЖАМ.МК не можеше да обезбеди официјална потврда за нив ниту од Фондот за здравствено осигурување, ниту од Министерството за финансии.
Д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, вели дека дополнителните 20 милиони денари, кои ги добиле од Фондот за здравствено осигурување, кои со ребалансот на буџетот беа доделени за покривање здравствени услуги, до денар ги искористиле за сервисирање на неплатените долгови. Таа објаснува дека бонусите, кои ги поделила на сите вработени линеарно по 10.000 денари, се од средства на клиниката.
„Сите дополнителни пари што ги добивме од ФЗОМ до денар се потрошени за плаќање на старите долгови и заклучно до седми месец, односно со јули, намирени се сите долгови, а нашата Клиника е прва која почна да ги исплаќа и долговите за осми месец, односно за август. Ако прашувате за бонусите кои линеарно ги поделивме на сите вработени, по 10.000 денари, тоа се од парите на Клиниката, односно за тоа не е потрошен ни денар од парите што ги добиваме од Фондот за здравство. Работиме со една третина од потребниот кадар, ни фалат и педијатри и медицински сестри“, вели д-р Јовановска.
Од одделението за финансии на Клиниката за гинекологија објаснуваат дека со 20 милиони денари кои ги добиле од ФЗОМ платиле заостанати долгови за лекови, струја и вода, а дека бонусите се исплатени од сопствени извори на Клиниката.
„Сопствени извори на пари на Клиниката се средства што ги добиваме од пациенти кои се лекуваат приватно, како и од странски пациенти. Меѓу пациентите кои се лекуваат приватно, се оние што сакаат да бидат сместени во апартман, и за тоа им се наплаќа како приватна услуга. Потоа тука се сите пациенти кои немаат здравствено осигурување, а преку програми на Министерството за здравство се покриваат услугите и за овие пациентки, бидејќи не смееме да вратиме ниту една бремена жена“, велат од одделението за финансии на Клиниката за гинекологија.
Од Министерството за финансии велат дека со ребалансот на буџетот за 2017 година на Фондот за здравствено осигурување му се префрлени 600 милиони денари за зајакнување и подобрување на здравствените услуги, и дека немаат податок како потоа ФЗОМ ги распределил овие пари и за која намена.
Од ФЗОМ велат дека средствата од ребалансот на буџетот ги поделиле на јавните здравствени установи за подобрување на здравствените услуги, а како болниците и клиниките натаму ги трошат овие пари е одговорност на нивните менаџери.
Пред еден месец премиерот Зоран Заев ѝ предаде 16 инкубатори на Клиниката за гинекологија и акушерство, кои ги набави Владата со интервентен увоз, за да се подобри грижата за предвреме родените бебиња. Оваа набавка Владата ја реализираше по увидот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој покажа дека на одделот за интензивна нега на скопска Гинекологија во еден инкубатор лежат по две бебиња, бидејќи нема доволно ниту опрема, ниту простор ниту кадар.
Вкупните долгови на јавните здравствени установи, заклучно со први септември годинава, според податоците објавени на веб страницата на Фондот за здравствено осигурување изнесуваат 3,5 милијарди денари.
Е. БОЧВАРОСКА