Дванаесет клубови, меѓу кои и најтрофејните Работнички и МЗТ Скопје, доставија до Македонската кошаркарска федерација барање за Вонредно собрание, на кое меѓу точките на предложениот дневен ред се разрешување на претседателот на МКФ Петар Наумоски и избор на негов наследник. Според Статутот на МКФ, Наумоски треба во рок од 14 дена да го свика Собранието и ако тој не го направи тоа, клубовите сами ќе го одржат Собранието.
„Се надеваме дека во најкраток можен рок Претседателот на МКФ Петар Наумоски ќе свика вонредно Собрание како би се разрешиле сите настанати проблеми во врска со натпреварувањето“, стои во известувањето од Здружението на клубовите од Прва лига мажи.
Здружението на прволигаши најмногу му забележува на Наумоски за Регистрацискиот правилник за играчи и минатиот месец побара корекција на цените на лиценците, но претседателот на МКФ го одби нивното барање.
Покрај МЗТ Скопје и Работнички, на барањето од Здружението на клубовите се потпишани уште Карпош Соколи, Кожуф, Фени Индустри, Куманово, Струмица и Пелистер, а поддршка добија и од женските клубови Бадел 1862, Клубски Делчево и МНА Кавадарци, како и од второлигашот Радовиш.
Поранешниот кошаркарски репрезентативец Наумоски беше избран на претседателската функција во април минатата година на местото на Даниел Димевски.