КОГА СЛУШНАВ РАЗГОВОР МЕЃУ ЈАНКУЛОСКА И СТАВРЕСКИ, РЕКОВ ТОА МОРА ДА СЕ ЗАЧУВА, КАЖА ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ КОЈ ГИ ИЗНЕСЕ БОМБИТЕ ОД УБК

    КОГА СЛУШНАВ РАЗГОВОР МЕЃУ ЈАНКУЛОСКА И СТАВРЕСКИ, РЕКОВ ТОА МОРА ДА СЕ ЗАЧУВА, КАЖА ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ КОЈ ГИ ИЗНЕСЕ БОМБИТЕ ОД УБКЃорѓи Лазаревски помина 11 месеци во притвор во Шутка како второобвинет во случајот „Пуч“. (Фото: Нова ТВ/принтскрин)

    Разузнавачот Ѓорѓи Лазаревски кој со колегата од Управата за безбедност и контраразузнавање Ѕвонко Костовски ги изнел „бомбите“ од УБК и му ги предал на Зоран Верушевски, во интервју за „Нова ТВ“ кажа дека одлуката да почне да ги зачувува нелегално прислушуваните разговори ја донел кога слушнал разговор меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексминистерот за финансии Зоран Ставрески.

    „Кога првпат дознав дека се прислушува министерката за внатрешни работи и не знаев тогаш дека не се прислушува министерот за финансии Зоран Ставрески, важно дека има разговори меѓу нив, и кога чув некоја содржина од таков разговор, му реков на Ѕвонко, тоа мора да се зачува“, рече Лазаревски, кој до 2006 година бил началник на Петтата управа во МВР.

    Поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски беше првообвинет во случајот „Пуч“, а Ѓорѓи Лазаревски беше второобвинет и Основното јавно обвинителство го товареше за неовластено прислушување и шпионажа. Ѕвонко Костовски се спогоди со обвинителството и призна дека е виновен за неовластено прислушување и шпионажа по што беше осуден на три години затвор. Лазаревски беше уапсен на 8 февруари 2015 година и остана 11 месеци во притвор.

    Обвинети во „Пуч“ беа уште тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер, Зоран Заев, Соња Верушевска, сопруга на Зоран, и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица.
    Специјалното јавно обвинителство го презеде случајот од Основното јавно обвинителство и на 18 јануари годинава го повлече обвиниението. Во образложението, СЈО кажа дека причина за повлекувањето е тоа што „фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои тие располагаат“ и со наодите на обвинителството во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира