КОМИСИЈА ЌЕ ГО ПРЕИСПИТУВА УЧЕБНИКОТ ПО ИСТОРИЈА И ОПШТЕСТВО ЗА ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО КОЈ ИМА КАТАСТРОФАЛНИ ГРЕШКИ

    КОМИСИЈА ЌЕ ГО ПРЕИСПИТУВА УЧЕБНИКОТ ПО ИСТОРИЈА И ОПШТЕСТВО ЗА ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО КОЈ ИМА КАТАСТРОФАЛНИ ГРЕШКИВо новите учебници има повеќе грешки, како на пример дека Македонија на исток се граничи со Албанија. (Фото: Фејсбук)

    Министерството за образование и наука (МОН) и Педагошката служба дека ќе формираат комисија која ќе ја преиспита целата содржина и ќе даде предлог за соодветни корекции во учебникот по Историја и општество за петто одделение, откако беа увидени катастрофални грешки, соопшти МОН.  Од МОН велат дека ова е резултат на увидените грешки, целосно оправданите реакции на јавноста и согласно дописот од Здружението на историчари.

    Во овој учебник од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска има повеќе грешки, како на пример дека Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад и со Бугарија, како и дека врвот Монт Еверест е висок 29.305 метри, а не 8.849 метри.

    „Комисијата ќе има законски утврден рок од 10 дена за да достави извештај до министерот за образование и наука, а потоа конкретни насоки за постапување ќе бидат испратени до економскиот оператор задолжен за графичко уредување, превод, печатење и дистрибуција на учебникот. МОН апелира до надлежните стручни тела и органи кои се дел од процесите на одобрување на учебници, да продолжат да работат на подобрување на содржината на учебниците кои се користат во основното и средното образование“, велат од МОН.

    Од Министерството вела дека граѓаните ќе може да доставуваат коментари, сугестии и забелешки за учебниците на електронската адреса [email protected].

    Здружението на историчарите на 19 декември побара да учебникот да биде повлечен од употреба зашто се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Здружението укажа дека во учебникот има редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла, и се наведени повеќе погрешни информации.

    Во нивната реакција изнесоа само неколку од многуте недостатоци, како на пример:

    • „Стариот/ античка историја век е историски период кој започнал со пронаоѓањето на првото писмо, а завршил во 5.век пр.н.е.“ (стр. 113)
      Ова е погрешен податок, според кој почетокот на средниот век, во суштина, се поместува 10 века поназад. Имено, средниот век започнува со големите преселби на народите во V од н. е. Според она што го навеле авторките, средниот век во историјата започнува со Грчко-персиските војни. Понатаму не постои нешто наречено „Стариот/ античка историја век“, бидејќи античката историја е, впрочем, само еден дел од она што се нарекува историја на стариот век.
    • „Почетокот на новиот век/ модерната историја започнува со откривањето на парната машина, а историски завршува со почетокот на Првата светска војна.“ (стр. 116)
      Новиот век не започнува со пронаѓањето на парната машина во 18.век. Новиот век, во согласност со академскиот консезус во Европа, започнува со појавата на печатницата на Гутенберг и со ренесансата, која ги црпи основните идејни постулати од средновековието.
    • „Никола Тесла изумител на електричната енергија.“ (стр. 116)
      Истражувањето и откривањето на електрицитетот има своја историја, која започнува со старогрчкиот филозоф Талес од Милет. Никола Тесла, историски гледано, ја има заслугата за креирањето услови за користење и производство на наизменичната струја.
    • „Марија Кири – полска научничка добитничка на две Нобелови награди за наука.“ (стр. 116)
      Марија Кири двапати ја добила Нобеловата награда, и тоа за хемија и за физика. Не постои „Нобелова награда за наука“.
    • „Египетскиот календар е лунарен.“ (стр. 120)
      Египетскиот календар е, всушност, соларен.
    • „Асирскиот календар е лунарен календар.“ (стр. 121)
      Асирскиот календар е лунисоларен. Тука може да се констатира и фрапантно непознавање на темата за која пишуваат авторките. Имено, наставната содржина е наменета за календарот на Асирското Царство, во кое се користело клинестото писмо. Табелата во која се претставени месеците и нивните имиња, всушност, е напишана на сириски абџад и претставува календар кој го користат современите Асирци, при што тој е и обратно поставен. Сирискиот абџад се пишува од десно кон лево, додека прикажаното на табелата е пишувано од лево кон десно.
    • Римскиот колосеум „потекнува од пред 72 година од н. е.“ (стр. 141)
      Изградбата на Колосеумот започнала околу 72 година од н. е. и била завршена за осум години.
    • Дадени се прикази на Роза Луксембург и на Мартин Лутер Кинг (стр. 44–45), во кои не се зборува за нивното дело, туку се истакнуваат само нивните морални и лични карактеристики.
    • „Наша ера, нова ера“. Во учебникот на различни страници се користат термините „наша ера“ и „нова ера“. Недозволива е ваква неконзистенстност на термините во учебник кој треба да биде почетно запознавање на учениците со историјата како наука.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира