Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не е надлежна да постапува по известувањето на пратеникот Никола Груевски за откажување од правото на имунитет, доставено на 30 јуни. Од Кабинетот на Џафери велат дека Комисијата постапува по Барање за одобрување на притвор, кое што судот го доставува до претседателот на Собранието, по што Барањето се доставува до Комисијата.
„Во врска со Известувањето од страна на пратеникот Никола Груевски за откажување од правото на имунитет, доставено до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието на Република Македонија, на 30 Јуни 2017, Ве известуваме дека Комисијата не е надлежна да постапува по ова известување. Согласно член 53 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата постапува по Барање за одобрување на притвор, кое надлежниот орган (судот), го доставува до претседателот на Собранието на Република Македонија, по што Барањето се доставува до Комисијата“, соопштија од Кабинетот на Џафери.
Основниот суд Скопје 1 денеска треба да ги соопшти одлуките по барањата за притвор на Никола Груевски, Мартин Протогер, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски во случајот „Титаник“ на СЈО.