Закажаната седница на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање која требаше да се одржи денеска во 11 часот, е одложена од непознати причини и не се знае за кога.
Требаше да ја води пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска која е членка на Комисијата, бидејќи претседателот Скендер Реџепи нема безбедносен сертификат од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), а седи на местото и не го напушта.
Според најавата, која што сега е избришана од собраниската веб-страна, единствена точка на дневен ред беше предлог-одлука да се влезе во контрола на АНБ, по обвинувањата на нејзиниот директор Бојан Христовски и на премиерот Христијан Мицкоски дека како лидер на опозицијата бил прислушуван. Но, и по паралелните негирања од ексдиректорот на АНБ и од тогашниот владејачки СДСМ дека Мицкоски никогаш не бил таргет за следење или прислушување.
Неофицијално, седницата на оваа парализирана, а многу важна собраниска комисија, пак е одложена поради „небезбедниот“ Реџепи. Претседателот на Собранието Африм Гаши требало прво материјалите за седницата да му ги прати на Скендер Реџепи и да го задолжи да закаже.
Ако не закажува, тогаш друг некој од членовите ја закажува седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР.
Сега наводно бил прескокнат Реџепи и материјалите ѝ биле дадени право на Петровска.
Ова требаше да биде само трета седница од новиот парламентарен состав на чело со ВМРО-ДПМНЕ на Комисијата која е единствена што може да го исконтролира колку-толку прислушувањето. Ни заменикот-претседател Блерим Беџети од ДУИ нема безбедносен сертификат, па и тој не може да закажува седница.
Според договорот, овојпат претседателското и потпретседателското место на Комисијата ѝ припаднаа на опозицијата од албанскиот блок, т.е. на Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Европскиот фронт решил да стави на чело на Комисијата за надзор на работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање пратеници што немаат безбедносен сертификат, односно кои не можат да добијат и не ги менува со други свои пратеници, овозможувајќи и на АНБ да работи без контрола од пратениците.
С. К. ДЕЛЕВСКА