КОМУ МУ ОДГОВАРА ДА ПЛАНИРАМЕ ИДНИНА ВРЗ ОСНОВА НА ПОДАТОЦИ СТАРИ 20 ГОДИНИ, ПРАША ЗАЕВ ВО ОБРАЌАЊЕТО ЗА ПОПИСОТ ПРЕД ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ

    КОМУ МУ ОДГОВАРА ДА ПЛАНИРАМЕ ИДНИНА ВРЗ ОСНОВА НА ПОДАТОЦИ СТАРИ 20 ГОДИНИ, ПРАША ЗАЕВ ВО ОБРАЌАЊЕТО ЗА ПОПИСОТ ПРЕД ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕПовиците за бојкот на пописот се закана дека ќе останеме црна дупка во светот како изолирана земја. (Фото: СДК.МК)

    Повикот за бојкот на пописот, без разлика дали е лажно спакуван како повик за неучество или повик за минирање на најважната статистичка операција за земјата, е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект, кажа премиерот Зоран Заев денеска во Собранието на средба на државниот врв со градоначалниците. Потоа тој праша кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години и кому му одговара да имаме промашени планови за развој.

    „Таквиот став е свесно туркање на земјата во провалија и закана дека ќе останеме црна дупка во светот како изолирана земја која што не поседува податоци за да може да ги испланира следните 5, 10, 50 или 100 години од сопствената иднина. Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики“, кажа Заев во обраќањето.

    Пописот треба да се одржи во април годинава и ќе биде прв попис во земјава од 2002 година.

    „Пописот не е само операција која треба да даде слика за етничката состојба во земјата, туку опфаќа многу сегменти, факти, податоци, бази од кои може да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество“, вели Заев и потсети дека пописот е и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ, бидејќи поглавјето статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите.

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој е претседател на ЗЕЛС, кажа дека сите политички субјекти треба да ја напуштат деструкција со бојкоти и оценување на уставноста.

    „Ако сакаме извесна иднина, добро планирање, да бидеме партнери во ЕУ, треба да ги имаме овие релевантни податоци. Ваквите податоци завршувале секогаш со пораз. Ние во политиката немаме право да ја влечеме назад државата“, кажа Шилегов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира