Контролата на летање на скопскиот аеродром доби нов систем за менаџирање на авиосообраќајот (АТМ). Директорот на Македонска навигација (М-НАВ) Владимир Ристески вели дека со ставањето во употреба на новиот АТМ систем е од исклучително значење за М-НАВ, затоа што со него не се добива само нова технологија, туку се создава стабилна и современа основа врз која треба да се развива целиот систем во воздухопловната навигација.
„Со новиот АТМ-систем, пред сè ја стабилизираме М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација, обезбедуваме повисоко ниво на сигурност, континуитет во давање на услугите, а ова е особено важно во период во кој воздушниот сообраќај низ македонскиот воздушен простор бележи енормен пораст“, рече Ристески.
Новиот АТМ-систем е од особено значење поради зголемениот број прелети над македонскиот воздушен простор. Како што рече министерот за транспорт и врски Александар Николоски, во првите шест месеци од годинава над македонскиот воздушен простор имало околу 173 илјади прелети, што е зголемување од 12,2 отсто во споредба со истиот период лани.
За новиот радарски систем, министерот рече дека договорот бил склучен во 2022, но оти активностите за негова инсталација започнале во 2025 со доаѓањето на новото раководство на М-НАВ.
Радарот веќе е поставен на Контролната кула на аеродромот во Скопје и во моментов се вршат потребните тестирања. Николоски очекува системот целосно да биде ставен во функција во текот на септември или октомври годинава.
„Со воведувањето на овие два системи целосно го покриваме македонското небо на највисоко ниво што во моментот во светот може да се најде на контрола и безбедност“, рече Николоски.



