Целата снимка од надзорната расправа на собраниската Комисија за транспорт и врски беше пуштена во Основниот суд Скопје 1, во доказната постапка на предметот на СЈО „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски по изборите во 2011 година.
„На 18 јули 2011 година, кога бев кај вас ми рековте да ги тргнам мобилните телефони, за да ми кажете дека ’Космос‘ се гради легално, ама сте имале наредба од горе, да го урнете. Точно ли е тоа кажете пред сите пратеници дека ова ми го кажавте?“, му се обраќа Цаноски на тогашниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, на надзорната расправа за која тогашниот генерален секретар на Собранието Жарко Денковски забрани директен пренос на Собранискиот канал.
Трајковски негира, го гледа во очи оштетениот Цаноски, додека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ читаат прашања за Трајковски од ливчиња, со цел да се оцрни „Космос“ и да се оправда уривањето на инвестицијата од 60 милиони евра.
На седницата е и тогашниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски кој признава дека никогаш не урнал волку голема инвестиција. Призна и дека го молел Цаноски да инвестира и гради, бидејќи, како што рече, тие сите инвеститори ги молеле.
Во „ТНТ“, за злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски и тројца инспектори од Гази Баба кои „утврдиле“ наводни отстапувања од градбата.
Ако бидат обвинетите прогласени за виновни, во граѓанска постапка ќе треба да му исплатат надомест за штетата, зашто Цаноски веќе најави отштетно побарување од 55 милиони евра.
С. К. ДЕЛЕВСКА