Потпретседателот на СДСМ Коста Петров е нов в. д. директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Тој на оваа функција е именуван на синоќешната владина седница, а доаѓа на местото на Јован Деспотовски кого владата завчера го разреши на негово барање, а вчера го именуваше за в. д. директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.
Петров за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека е именуван за в. д. директор и најавува дека ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите, работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развојот на македонската економија.
„Целта е да обезбедиме поддршка за компаниите и стартапите со тоа што ќе им помагаме во секој чекор, почнувајќи од работењето, едукацијата, развојот на продукти, па сè до комерцијализацијата и продажбата. Фондот ќе работи и соработува со врвни домашни и меѓународни претприемачи, финансиски експерти и основачи на иновативни компании. Во нашата работа ќе биде целосно вклучена и академската заедница, која ќе биде нераскинлив дел од сите процеси. Мојата визија е заедно, со помош на интернационалната и македонската стартап заедница, со новиот бран на македонски иноватори да ја позиционираме Македонија како регионален стартап хаб во регионот”, вели Петров.
А. АНТЕВСКА