КОВАЧЕВСКИ ЈА ПРЕЗЕДЕ ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА ОД ЗАЕВ

    КОВАЧЕВСКИ ЈА ПРЕЗЕДЕ ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА ОД ЗАЕВДенеска новата Влада ќе ја има и првата седница, а како што напиша на својот фејсбук профил Ковачевски, веднаш ќе се отпочне со носење на решенијата за енергетската криза.(Фото: К.Попов)

    Новиот премиер Димитар Ковачевски ја презеде премиерската функција од Зоран Заев откако вчера Собранието со 62 гласа „за“ ја избра новата Влада. Ковачевски веднаш по влегувањето во владата утрово ќе има средба со германската министерка за Европа Ана Лирман. За вторник е закажана официјална посета на бугарскиот премиер Кирил Петков.

    Денеска новата Влада ќе ја има и првата седница, а како што напиша на својот фејсбук профил Ковачевски, веднаш ќе се отпочне со носење на решенијата за енергетската криза.

    „Покрај мерки за справување со економската криза, продолжуваме со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции. Верувам дека ќе успееме да работиме и подобро и поефикасно. Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. Доаѓа ново време, доаѓа подобро време“, напиша Ковачевски по изборот на новата Влада.

    Досегашниот премиер Зоран Заев ја најави оставката на 31 октомври по поразот на локалните избори, а ја достави до Собранието на 22 декември. Заев беше премиер четири и пол години. Првата влада на Заев беше избрана на 31 мај 2017, речиси шест месеци по изборите на 11 декември 2016. Вториот мандат како премиер му почна на 31 август 2020 по изборите на 15 јули истата година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира