КОВИД-19 ЌЕ ОСТАНЕ КАКО ЗАРАЗНА БОЛЕСТ, ПРЕПОРАЧУВАМЕ И ПОНАТАМУ ДА СЕ НОСАТ МАСКИ ВО БОЛНИЦИТЕ, ВЕЛИ Д-Р МЕХМЕДОВИЌ

    КОВИД-19 ЌЕ ОСТАНЕ КАКО ЗАРАЗНА БОЛЕСТ, ПРЕПОРАЧУВАМЕ И ПОНАТАМУ ДА СЕ НОСАТ МАСКИ ВО БОЛНИЦИТЕ, ВЕЛИ Д-Р МЕХМЕДОВИЌСЗО ја прогласи таканаречената вонредната состојба во јавното здравство од меѓународна загриженост во јануари 2020. (Фото: СДК. МК)

    Комисијата за заразни болести ќе им препорача на Министерството за здравство, Владата и Главниот координативен кризен штаб да бидат укинат сите задолжителни мерки против ковид-19, рече денеска д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата. Станува збор за укинување на четирите мерки за носење на маски во болници, јавен превоз, аптеки и домови за стари лица и лица со посебни потреби.

    Оваа одлука следи откако минатата недела Светската здравствена организација (СЗО) прогласи крај на пандемијата на ковид-19, додавајќи дека веќе не претставува глобална здравствена вонредна состојба. Ова следува три години откако беше прогласен највисокиот степен на тревога поради вирусот.

    „Со оваа одлука, целта е и да направиме транзиција од пандемиско ниво, да го третираме ковид-19 како вообичаена заразна болест. Како Комисија би сакале да препорачаме, со оглед на позитивното искуство кое покажа како може да се превенираат интерхоспиталните инфекции, болестите кои се пренесуваат, дополнителното оптоварување со таквиот вид на болести, и понатаму да се носат маски во болниците, и на лицата кои ќе се најдат таму и на оние кои одат во посета. Ова особено се однесува на лицата кои се во високоризичните групи“, кажа д-р Мехмедовиќ .

    Во Македонија, вели тој, минатата недела се регистрирани 66 новозаболени од ковид-19, нема починати, што е најмал број во изминатиот период и дека веќе подолго време имаме постепено намалување.

    Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) заклучно со 5 мај, во земјава се пријавени вкупно 348.276 случаи на ковид-19, а регистрирани се 9.937 смртни случаи.

    „Но, во светски рамки, минатата недела на секои 3 минути имавме по еден починат од ковид-19, и според таа статистика, годишно би имале по 180 илјади починати. Тоа не е бројка која треба да биде занемарена. Ковид-19 ќе остане, и понатаму треба да се внимава“, кажа Мехмедовиќ.

    Шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, изјави дека седум милиони луѓе починале за време на пандемијата.

    „Сепак, вистинската бројка на починати веројатно е близу 20 милиони. Вирусот и натаму останува значајна закана и државите не смеат да го спуштат гардот и да ги растурат изградените системи. Ковид-19 останува присутен, но веќе не предизвикува големи бранови на хоспитализација како некогаш“, изјави Гебрејесус.

    СЗО ја прогласи таканаречената вонредната состојба во јавното здравство од меѓународна загриженост во јануари 2020.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира