Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска вели дека пример за нашите млади се оние кои отворено ги манифестираат плодовите на својот криминал и дека таквата фактичка ситуација треба да биде најголем мотив за борба против корупцијата и организираниот криминал. Зборувајќи на јавна расправа за предложениот Закон за конфискација, Грковска кажа дека поради дупки во законите недоволно се санкционира коруптивно и криминално однесување и треба да се работи на воведување конкретни алатки со кои антикорупциската борба ќе стане поуспешна и со повидливи резултати.
„Ние сме мала земја, со многу јавни тајни, а многу малку разрешници. И тоа придонесува за уште поголемо чувство на немоќ на обичниот граѓанин, но и драстично ги изместува клучните вредности во заедницата. Па така доаѓаме до ситуации кога тие што отворено ги манифестираат плодовите на својот криминал, да бидат рол модели за нашите млади. И токму оваа фактичка ситуација треба да ни биде најголемиот мотив за да го подобриме пристапот и механизмите во справувањето со корупцијата и организираниот криминал и да воведуваме конкретни алатки со кои оваа борба ќе стане поуспешна и со повидливи резултати“, вели Грковска.
Вицепремиерката вели дека донесувањето на Законот за конфискација е неопходно во нашиот систем како дополнителен антикорупциски механизам, бидејќи, како што вели таа, праксата покажува дека поради постоечките празнини во легислативата недоволно се санкционира коруптивното и криминално постапување, дури и во случаи кога криминалот е очигледен, а имотот несразмерен на законски стекнатите приходи.
Со предложениот закон треба да се оневозможи каква било корист од имот, за кој, во постапката согласно овој закон, ќе се утврди дека не бил стекнат од законски извори. Овој закон не претставува замена за конфискацијата во кривична постапка, туку е дополнителен помошен инструмент и механизам, додава Грковска.