КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДЕЛО „САМОВЛАСТИЕ“ ПРОТИВ ВРАБОТЕНАТА ВО КОМУНАЛНА ХИГИЕНА КОЈА МУ ГО ОДЗЕДЕ ТЕЛЕФОНОТ НА НОВИНАРОТ ФУРКАН САЛИУ

    КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДЕЛО „САМОВЛАСТИЕ“ ПРОТИВ ВРАБОТЕНАТА ВО КОМУНАЛНА ХИГИЕНА КОЈА МУ ГО ОДЗЕДЕ ТЕЛЕФОНОТ НА НОВИНАРОТ ФУРКАН САЛИУМВР веднаш реагираше за настанот по пријава на нападнатиот новинар и на неговите колеги. (Фото: СДК.МК)

    По инцидентот во ЈП Комунална хигиена – Скопје на 8 август, каде на новинарот Фуркан Салиу од ТВ Клан му беше земен мобилниот телефон од вработена во претпријатието која вербално го нападна и му го одзеде, Единицата за насилен криминал го расчистила случајот, вели МВР. Против службеничката ќе биде поднесена кривична пријава за дело „Самовластие“.

    На 9 август, Единицата за насилен криминал ја повикала А. М. Б. да даде изјава за настанот, кој патем беше снимен од колегите на Салиу кои беа таму во екипа. На снимката се гледа дека за време на расправијата има сведок во канцеларијата на пријавената, нејзин колега. И тој бил викнат во полиција. Вработената во полиција ја пријави  екипата на ТВ Клан.

    Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) претходно ја осуди постапката на службениците од секторот за односи со јавност и од обезбедувањето на „Комунална хигиена – Скопје“ кои сериозно ги прекршиле правата на новинарите Фуркан Салиу и Авни Тахири, преку насилно одземање на нивната опрема и нивно незаконско задржување против нивна волја.

    Дисциплинска постапка против вработената, поднеле и надлежните во јавното претпријатие.

    „Според колегите, во овој инцидент службеничка која се претставила како одговорна за односи со јавност, по претходна вербална расправа со двајцата новинари, на колегата Салиу му го одзела телефонот и одбивала да го врати. Истовремено, тројца членови на обезбедувањето од Дирекцијата на ‘Комунална хигиена – Скопје, против волја на двајцата новинари, ги задржале во просториите на оваа институција, а биле пуштени дури откако пристигнале припадници на МВР. Тие дошле бргу, по претходна пријава од новинарот Авни Тахири. Инцидентот претставува тешка повреда на правата на новинарите и попречување во нивната работа како и правото на слободно движење. Колегите Салиу и Тахири уредно закажале средба со претставници за односи со јавност за прилог поврзан со прашања од работните односи во оваа институција и тие имале обврска да одговорат на новинарските прашања, а не да ја одземаат нивната опрема како и незаконски да ги држат против нивната волја во просториите на јавното претпријатие“, реагираше ЗНМ кое побара итна реакција и транспарентност од МВР за случајот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира