Министерството за внатрешни работи ќе поднесе кривична пријава против Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери, за нападот врз претседателот на Регулаторна комисија Марко Бислимоски. Од Министерството велат дека веднаш по пријавување на нападот преземени се соодветни мерки, по што А.Џ. (28) признал дека физички го нападнал Бислимоски.
„Случајот е целосно расчистен и против А.Џ. ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од Кривичниот законик. Веднаш по пријавувањето на настанот, преземени се соодветни мерки за расчистување, односно изготвено е писмено известување до Основното јавно обвинителство Скопје, извршени се разговори со сведоци на настанот, обезбедена е видео снимка. Извршен е разговор со пријавениот А.Џ., кој во целост го призна делото, и по консултација со јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство“, се вели во соопштението на МВР.
Очевидци на настанот велат дека Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски во еден скопски ресторан во Дебар Маало и по неколкуминутен разговор го нападнал. Аријанит Џафери најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го оттргнат и сите заедно избегале.
Сведоци на настанот велат дека Џафери со својата придружба седел на соседната маса до Бислимоски и во текот на вечерта во неколку наврати го провоцирал, но тој не одговарал на провокациите. Потоа, седнал до него на масата со објаснување дека сака да поразговара со него, но по неколку минути го нападнал. Џафери барал од Бислимоски да ја запре постапката против неговата фирма, а кога тој одбил, Џафери почнал да го удира по главата.