ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА МАРКО БИСЛИМОСКИ НАПАДНАТ ОД СИНОТ НА МУСА ЏАФЕРИ

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА МАРКО БИСЛИМОСКИ НАПАДНАТ ОД СИНОТ НА МУСА ЏАФЕРИПринтскрин од аматерското видео на кое е снимен нападот врз Бислимоски. (Видео: Дојче веле)

    Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, доцна синоќа физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, објави Дојче веле (ДВ) пренесувајќи и аматерско видео снимено при нападот. Полицијата брзо пристигнала на местото на настанот, но не успеала да го пронајде напаѓачот. Полицијата против Џафери ќе поднесе пријава за кривично дело насилство, а за случајот е известен и јавен обвинител.

    „Случајот е чист. Има видео, се гледа напаѓачот. Во полиција пријавен е физички напад. Напаѓачот ќе си биде викнат во полициска станица. Во зависност од повредите на нападнатото лице, ќе се знае дали ќе биде поднесена прекршочна или пак кривична пријава против напаѓачот“, велат од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Според соопштението на МВР, „На 05.10.2021 во 23.54 часот во СВР Скопје М. Б.(45) од Скопје пријавил дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А. Џ.(28) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“.

    Очевидци на настанот велат дека Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски во еден скопски ресторан во Дебар Маало и по неколкуминутен разговор го нападнал. Аријанит Џафери најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале.

    Сведоци на настанот велат дека Џафери со својата придружба седел на соседната маса до Бислимоски и во текот на вечерта во неколку наврати го провоцирал, но тој не одговарал на провокациите. Потоа, седнал до него на масата со објаснување дека сака да поразговара со него, но по неколку минути го нападнал. Џафери барал од Бислимоски да ја запре постапката против неговата фирма, а кога тој одбил, Џафери почнал да го удира по главата.

    Портпарол на Регулаторната комисија го потврдил инцидентот за ДВ и вели дека претседателот на РКЕ Бислимоски нема посериозни повреди и се чувствува добро. Откако дал изјава во полиција, рано утрото во вторник Бислимоски бил и на прегледи во болница.

    Причината за нападот врз Бислимоски е одлуката на Регулаторната комисија од 23 септември годинава, да започне постапка за одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија на фирмата на синот на Муса Џафери. Врз основа на пријава од МЕПСО, од каде алармирале дека фирмата „У Пауер“ ја нарушува стабилноста на системот за електрична енергија и неоправдано троши резерви на струја за сопствен профит, од РКЕ одлучиле да поведат постапка против компанијата.

    Од РКЕ велат дека нападот врз Бислимоски нема да смени ништо во начинот на кој постапува Комисијата.

    „РКЕ нема да отстапи од спроведувањето на Законот и ќе продолжи со соодветните постапки“, велат оттаму.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира