Една фирма и четири лица добија кривични пријави за обидот за криумчарење на 7 тони цвет од канабис, што на нелегалниот пазар на наркотични средства би достигнала вредност од над 20 милиони евра, соопшти Царинската управа.
На 11 август во Царинската испостава-Гевгелија, при извршена дополнителна контрола при увоз, инспекторите од Одделението за истраги од Царинската управа утврдиле дека станува збор за дробена, сецкана тревкаста материја, за која по направен тест е утврдено присуство на психоактивна компонента која влегува во составот на растението канабис.
„По добиена наредба од надлежното Основно јавно обвинителство – Гевгелија, Царинската управа достави примерок од растителната материја до Министерството за внатрешни работи за вештачење, со што се потврди дека растителниот материјал преставува исушени и иситнети врвни делови-вршунки од листови и цвет кои потекнуваат од растението канабис“, соопшти Царинската управа.
Вчера, Секторот за контрола и истраги при Царинската управа поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство против едно правно лице и четири физички лица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, казниво по член 215 став 1 и став 7 и за кривично дело ,,Криумчарење“, казниво по член 278 став 1 став 3 и став 9 од Кривичниот законик.