Во Кривичниот суд од денеска па до неодреден датум, ќе се судат само предмети во кои еден или повеќе обвинети имаат мерка притвор или куќен притвор, предмети од член 205 и 206 од КЗ поврзани со загрозување на здравјето на граѓаните (ширење на КОВИД-19) и предмети поврзани со нарушување на полицискиот час и другите мерки на Владата за заштита од ширење на вирусот, а за чие постапување надлежен е судот.
Воедно судот ќе постапува и по сите итни предмети за кои се надлежни кривичните совети, а по кои се постапува на седници кои не се јавни. Судот денеска изготви листа од 39 притворски предмети, насрочени во следните 30 дена, а за кои странките кои имаат усна или писмена покана се должни да дојдат на закажаното судење. Странките во сите други постапки кои не се наведени на листата на сајтот на судот, ќе добијат дополнителни покани за следните термини.
Судот ќе продолжи со редовни дезинфекции на судниците и другите простории, мерење на температурата со бесконтактни уреди на сите кои ќе влезат во судот и задолжение за носење медицински маски и стерилни ракавици. Листата со судењата што ќе имаат приоритет, зависно од потребите ќе биде ажурирана, надополнета и објавена.
Владата усвои уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба за постапувањето на судовите и јавните обвинителства, според која дел од нив (оние што се пред застарување) престануваат да течат сè до завршување на вонредната состојба.
С.К. ДЕЛЕВСКА