КРИВИЧНИТЕ ДЕЛА КАКО НЕЛЕГАЛНА СЕЧА НА ДРВА И ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ ОСТАНУВААТ ВО СЕНКА, ВЕЛИ АМБАСАДОРКАТА БРНЗ

    КРИВИЧНИТЕ ДЕЛА КАКО НЕЛЕГАЛНА СЕЧА НА ДРВА И ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ ОСТАНУВААТ ВО СЕНКА, ВЕЛИ АМБАСАДОРКАТА БРНЗСите, без разлика дали живеат во Скопје или во Охрид, треба да имаат право да дишат чист и здрав воздух, вели амбасадорката Брнз. (Фото: СДК.МК)

    Американската амбасадорка Кејт Брнз кажа дека кривичните дела поврзани со животната средина на многу начини остануваат во сенка, посебно во Северна Македонија, иако претставуваат сериозна закана за добросостојбата и животната средина во земјата.

    „Додека често слушаме за перење пари и измами со набавки, кривичните дела поврзани со животната средина на многу начини остануваат во сенка, посебно во Северна Македонија. Кривичните дела како нелегална сеча на дрва и загадување на воздухот претставуваат сериозна закана за вашата добросостојба и животната средина во вашата прекрасна земја. Без разлика дали се пожари во Струмица или ураганот Ајда во Њујорк, сите сме сведоци на уништувачките ефекти на нашите акции на климата и на животната средина“, рече Брнз на конференцијата „Основи на реформата на правниот систем во Република Северна Македонија и еколошката правда“ на Охридска школа на природното право, на која учествуваа и академик Владо Камбовски, кој беше домаќин на настанот, како и министрите Бојан Маричиќ и Насер Нуредини.

    Амбасадорката додаде дека носењето закони и реформи не се доволни.

    „Законите мора да бидат имплементирани. Истраги мора да бидат иницирани. И судењата мора да завршат, пред да се пензионира судија или да застари делото. Прекршителите мора да одговараат, без разлика на политичката припадност или големината на бизнисот. Законските решенија мора да важат за сите, сите граѓани и бизниси мора да бидат еднакви пред законот. Сите, без разлика дали живеат во Скопје или во Охрид, треба да имаат право да дишат чист и здрав воздух. И законот мора да го поддржува тоа право“, рече Брнз.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира