Во знак на сеќавање на жртвите од терористичкиот напад на 11 септември 2001 година, денеска во американската амбасада се одржа традиционалната крводарителска акција. Покрај амбасадорот Џес Бејли, крв даруваа вработени во амбасадата, политичари, градоначалници, припадници на Армијата и граѓани.
„Ова е десетта година по ред како преку дарување крв се сеќаваме на жртвите од 11 септември, нивните семејства и луѓето кои помагаа. Горди сме на оваа акција. Минатата година собравме рекорден број единици крв, се надевам дека годинава тој рекорд ќе биде надминат. Ги повикувам граѓаните до 16 часот да дојдат и да донираат крв, со што секој ден се спасуваат човечки животи“ рече амбасадорот Бејли.
Крводарителската акција американската амбасада ја организира заедно со Црвениот крст и Институтот за трансфузиологија.