Панче Ангелов, кој ја кубеше министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ги нападна физички и лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и неговиот телохранител Александар Трајков за време на крвавите настани на 27 април во Собранието, денеска седна на првото судење против него во Кривичниот суд.
Спроти него беше министерката Шекеринска, која тој откако упадна со толпата, ја фати за коса, кубејќи ја кон подот на салата. Ангелов се товари за насилство и врз Заев и обезбедувањето. Според обвинителката Наташа Гоџовска, Ангелов штом упаднал со првата група, се упатил кон Заев, кому му се заканил, а потоа и му направил хематом на главата.
„Потоа се упатил кон оштетената Шекеринска, која ја грабнал за косата, ја корнел, влечејќи ја кон подот, за што судот може да се увери и од видео-снимките од насилството врз неа”, рече обвинителката.
Оштетен во случајов е и пратеникот од ДУИ Реџаил Исмаили. Адвокат обвинетиот немаше, судот му одредил по службена должност. Рече дека клиентот немал ни фиксен, ни мобилен телефон за правно да го советува.
„Првпат се гледаме денеска со Ангелов. Тој е правно неук, од ова што го гледам. Јас не можам да знам во моментов кои биле мотивите да ги стори кривичните дела, зашто не успеав да го контактирам. Барам од судот да ми даде време правно да го советувам”, рече адвокатот Драган Пешевски.
Судијката Џенета Бектовиќ го закажа следното рочиште за 6 октомври.
С. К. ДЕЛЕВСКА