Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски не само што го напуштил местото на живеење иако добил решение за задолжителна изолација, туку со возило на Брза помош кое го викнал како итен случај, наместо да се пријави на Инфективната клиника, се возел до Скопје во приватни лаборатории за да прави тест за коронавирус, беше речено на прес-конференцијата која заеднички ја држеа министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Иринка Сотирова-Бухова.
Во образложението на директорката за двата вонредни инспекциски надзора во Центарот за јавно здравје Куманово, таа наведе дека се направени повеќе прекршоци. Првиот инспекциски надзор бил извршен на 17 април, во Центар за јавно здравје Куманово, а вториот е од пред два дена во Службата за епидемиологија во Центар за јавно здравје Куманово, Здравствен дом Куманово – служба за Итна медицинска помош, Одделението за инфективни болести во Кумановската болница, во матичните ординации на пациентите за кои се спроведувал надзорот и потоа продолжил во трите приватни лаборатории во Скопје, каде е извршено тестирање на градоначалникот.
Тој прво направил прекршок со тоа што го напуштил местото на живеење, иако на 16 април добил решение за домашно лекување. Тоа е казниво по Закон за заштита на население и казната е од 300 до 600 евра во денарска противредност, рече Сотировска – Бухова.
„Во службата за Итна помош констатирани се пропусти, неправилности од област на евиденцијата. Евидентиран е патен налог за возачот на комбето кој почнува во 8 часот до 20 часот. Потпишан е возачот и има потпис на уште едно лице, за кое не знаеме податоци. Во службата на Општа болница Куманово, евидентирани се лицата М. Д. и Г., без презиме, за кои како итен случај во 12:13 e креиран итен упат за Инфективната клиника во Скопје. По извршен телефонски контакт со Клиниката за инфективни болести, лицето не е појавено на Клиниката. Понатаму, увидот е продолжен во Одделението за инфективни болести каде е констатрно дека за двете лица извршен е преглед и креиран е упат за рентген на бели дробови и лабораториски анализи. За едното лице има наод дека е препишано да се продолжи со веќе препишаната терапија и е препорачано домашно лекување. За второто лице исто така е препорачано дека нема потреба од терапија, но препишано е домашно лекување. Понатаму, следејќи ја патеката каде се движат овие пациенти, направен е надзор во болницата ‘Жан Митрев’, во лабораторија ‘Биотек’ и во лабораторијата во ‘Систина’. Истиот ден, на 22 април, извршени се тестирања, заведени се електронски и во дневникот за евидинција, резулатите по маил им се испратени на 23 април Исто така, при надзорот на матичните амбуланти на овие пациенти, констатирано е дека истите двајца се секојдневно контактирани теелфонски од матичните доктори при што во ниту еден случај немаат дадено податок за евентуално влошување на здравствена состојба“, истакна директорката.
Прекршокот е направен според членот кој гласи: Лицето кое има решение за домашно лекување, може да го напушти местото само и исклучиво во влошување на состојбата, преку контакт со матичен лекар или епидемилог, кој ќе контактира Брза помош, која ќе испрати соодветно возило со персонал со соодветна заштитна опрема и ќе биде спроведен или во соодветното инфективно одделние во болницата или на Инфективната клиника во Скопје. Доколку лицето од домашна изолација добие симптоми на друга болест оовен КОВИД-19, по истиот протокол ќе биде однесен во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, објасни Сотирова-Бухова.
Вториот прекршок е неправилна евиденција во службата за Итна медицинска помош, како и за постапувањето на докторите од Инфективното одделение во Кумановската болница и веќе е во тек вонреден стручен надзор.
Сотирова-Бухова кажа дека и првиот инспекциски надзор, при што констатирано е дека првото тестирање е извршено на 26 март на лица од Кризен штаб во Општина Куманово. Тестирани се 28 лица за кои добиени се 28 негативни резулатит. Второто тестирање е направено на 12 април, и земени се 38 брисеви. Добиени се пет позитивни тестови, и издадени решенија за 37 контакти.
Во овој надзор констатирани се следните недостатоци: и првото и второто тестирање се без спроведување на редовна задолжителна епидемиолошка анкета од страна на епидемиолог на Центар за јавно здравје.
„И двете тестирања се заведени како скрининг. По изјаснувањето на епидемиологот кој го вршел ова тестирање, имаме изјава дека по нејзин налог и нејзини согледувања спровела скрининг од причини кои таа го наведува во изјавата. Ова е прекршок на член 27 од Законот за заштита на населението од заразни болести, кој вика дека скрининг не може да се изведе без дозвола на министер. Вториот прекршок што е констатиран е дека брисевите се земени во Општина Куманово, што е сосема спротивно на протоколите. Брисеви на лица сомнителни со индикација и епидемиолошка анкета или со појава на симпотми, исклучиво се земаат во простории на овластениот Центар за јавно здравје“, рече директорката. Заради овие два прекршока во тек е постапка за вонреден стручен надзор кој ќе проследи одлука.
Димитриевски беше потврден за позитивен на коронавирус на 16 април, заедно со уште 40 кумановци, меѓу кои и петмина членови на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Еден ден пред тоа се одржа проширена седница на штабот на која присуствуваше премиерот Оливер Спасовски и тројца министри, поради што тие мораа во самоизолација. Димитриевски на 23 април на својот Фејсбук профил објави дека е негативен на КОВИД-19 откако повторно се тестирал во приватни релевантни лаборатории и побара да биде укината самоизолација за него и за неговата сопруга.
Б. НЕСТОРОСКА