Премиерот на Косово Албин Курти, кој денеска со цела косовска влада дојде да одржи заедничка седница со македонската влада на Илинденска, нема доверба во нашиот судски систем, по прашањето на екстрадиција на избеганите Алил Демири у Африм Исмаиловиќ, двапати осудени во отсуство на доживотна казна затвор за убиство на четирите деца и рибарот на брегот на Смиљковско Езеро во 2012 година.
Бадијала повторена постапка од нула, бадијала нови обвинители од СЈО, преиспитани докази, нови непреслушани сведоци, телефонски разговори, реконструкција на настанот, трауми на семејствата на убиените, бадијала нови пресуди кај други судии, со Албанци во судечкиот совет и меѓу обвинителите што го застапуваа обвинението.
Курти нема доверба во нашето судство, зборува за меѓународна помош во расчистување на случајот.
„Нашите министри за правда се во директен и редовен контакт и за ова прашање. Знаеме дека од минатото наследивме трагични случаи и тешки предмети кои имаа заследени тешки предмети . Но има и други предмети кои според мое убедување не се разјаснети докрај и ја немаме за целосната вистина”, кажа Курти како одговор на новинарско прашање зошто Косово не ги екстрадира двајцата сторители на петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, и покрај две правосилни пресуди и повторена судска постапка.
„Заедно со премиерот Зоран Заев разговаравме за меѓусебна поддршка, но и за меѓународна помош, како би имало правда и за двете земји, но и за жртвите, како би се научила вистината на крајот”, вели косовскиот премиер, кој денеска дојде на гости со сите свои министри во Скопје.
Премиерот Зоран Заев не почувствува потреба да каже каков било коментар по изјавата на колегата Курти за неекстрадирањеро на Демири и Исмаиловиќ и за квалификациите и за барањето на „преки суд“ за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.
С. К. ДЕЛЕВСКА