Министерката за одбрана Радмила Шекеринска веднаш откако генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев ја обвини дека минатата недела на патувања и репрезентации потрошила милион ипол денари, на прес-конференција кажа дека опозициската партија лаже.
„Лага е дека кој било во текот на изминатата недела патувал. Замислете, според ВМРО-ДПМНЕ минатата недела сум била на службен пат и сум трошела на репрезентации, кога аеродромите беа затворени. Секој ден, и по 7 пати, присуствував на владини и на седници на кризен штаб. Тоа може да се провери со само еден клик. Токму неделата за која ВМРО-ДПМНЕ лаже, донесов решение да се укинат сите презентации, вклучително и моите‘, рече Шекеринска.
Јанушев претходно рече: „И покрај тоа што има забрана за патување во странство, во екот на пандемијата со коронавирус, во периодот од 17-20 март оваа година, Шекеринска преку Министерството за одбрана потрошила 1 милион и речиси 43 илјади денари за патувања. Во истиот овој период, за само 4 дена за репрезентација, ручеци и ресторани, министерството за одбрана со кое раководи Шекеринска потрошило дополнително речиси 362 илјади денари. Додека македонските доктори немаат маски, немаат респиратори, министерството со кое раководи Шекеринска тие пари ги троши на патувања и ручеци“.
Шекеринска кажа дека минатата недела била само до Пепелиште, а таму немало можност за ручеци и репрезентација.
„Вакви квалификации од партијата која стана позната по ручање на бизони, по сметки за носење на храна од Владата до дома, навистина е срамота. Можеби ВМРО-ДПМНЕ не може да разбере дека некој си ја врши работата, дека луѓе работат. Ова не е време за лажни вести. Лагите на ВМРО-ДПМНЕ не треба да го трошат нашето време, особено не сега, кога се бориме да спасиме што повеќе животи“, рече Шекеринска која за раководството на ова партија кажа: „Ниту се радуваат, ниту честитаат, само со лаги се служат“.
С. К. ДЕЛЕВСКА