ЛАБОРАТОРИЈАТА ЗА ВИРУСОЛОГИЈА И МОЛЕКУЛАРНА ДИЈАГНОСТИКА ПРИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ СТАНА РАМНОПРАВЕН ЧЛЕН НА СВЕТСКАТА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА

    ЛАБОРАТОРИЈАТА ЗА ВИРУСОЛОГИЈА И МОЛЕКУЛАРНА ДИЈАГНОСТИКА ПРИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ СТАНА РАМНОПРАВЕН ЧЛЕН НА СВЕТСКАТА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА„Лабораторијата за вирусологија активно е вклучена во предвидувањето на соевите на инфлуенца на грип кои ќе циркулираат во земјава и во Европа и во одредувањето на соевите кои ќе бидат вклучени во создавањето на вакцината на грип за следната сезона. Со тоа, нашата земја директно се вклучува во превенцијата на грип“, велат од Министерството за здравство (Фото:СДК.МК)

    Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институот за јавно здравје стана рамноправен член на Светската здравствена организација (СЗО) и на Глобалниот систем за надзор и одговор на грип, соопшти Министерството за здравство.

    Според Министерството за здравство со тоа оваа лабораторија предводена од д-р Голубинка Бошевска при Институтот за јавно здравје, каде директор е д-р Шабан Мемети стана Национален инфлуенца центар.

    „Лабораторијата за вирусологија активно е вклучена во предвидувањето на соевите на инфлуенца на грип кои ќе циркулираат во земјава и во Европа и во одредувањето на соевите кои ќе бидат вклучени во создавањето на вакцината на грип за следната сезона. Со тоа, нашата земја директно се вклучува во превенцијата на грип“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството за здравство велат дека СЗО спровела мисија за проценка за верификација на квалитетот на Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика и дека оваа проценка покажала дека таа во целост ги исполнува нивните барања. При тоа оценувана е усогласеноста на работата на лабораторијата со стандардите на СЗО.

    „Ова е многу важно признание за македонското јавно здравство. Тоа значи дека пациентите и здравствените работници можат да бидат сигурни во дијагностиката и резултатите кои што ги добиваат од Институтот за јавно здравје. Ова признание има пошироко значење, тоа е потврда на капацитетите на државата од аспект на едуциран кадар, опрема и соодветни реагенси, како и ниво на безбедност во лабораторијата, за брза, навремена и веродостојна дијагноза не само на грип туку и на други вирусни, високо патогени агенси, значајни за јавното здравје“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството за здравство велат дека проценката Светската здравствена организација ја спровела овој месец на барање на министерот за здравство Венко Филипче, за да се проверат и верифицираат нејзините квалитети и да стане формален член на СЗО и на Глобалниот систем за надзор и одговор на грип и глобалната мрежа на СЗО.

    Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика е формирана во 1960 година и функционира како референтна лабораторија во земјава за детекција на вирусни заболувања, како што се грип, морбили и рубеола, арбовируси, вируси на хеморагични трески и други.

    „СЗО утврди дека оваа лабораторија има соодветни капацитети за спроведување на софистицирана лабораториска дијагностика и дека е способна да се справи и да ги изолира сите сезонски хумани вируси на грип како и анималните типови на грип“, велат од Министерство за здравство.

    Процесот на унапредување на капацитетите на лабораторијата беше континуиран. Особено зајакнување се постигна со интензивирање на соработката со СЗО, Центарот за контрола и превенција на болести во САД, Здружението на јавно-здравствени лаборатории на САД, Центарот за надзор и контрола на инфективни болести на Југоисточна Европа и други меѓународни партнери кои обезбедија техничка помош во развојот капацитетот на оваа лабораторија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира