Лани во Лекарската комора на Македонија биле пријавени 4 напади од пациенти или член од потесното семејство, велат од Комората во чест 12 Март, Европски денот за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници.
Во еден случај докторот е физички нападнат, во два случаја станува збор за вербален напад со закана за употреба на сила и во еден случај доктор е изложен на навреди на социјалните мрежи. Во сите случаи нападите се сторени од пациент или од член на потесното семејство.
Во анкета спроведена од Лекарската комора пред три години, 78 отсто од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80 отсто биле изложени на вербално насилство, додека 6.8 насто доживеале физичко насилство. Речиси 70 отсто од нападите воопшто не се пријавени. Истражувања направени од релевантни меѓународни организации проценуваат дека над 60 отсто од здравствените работници во Европа доживеале некаков облик на насилство на нивното работно место.
„На овој ден ги повикуваме креаторите на политиките да преземат решителна акција за сузбивање на насилството врз здравствените работници и генерално во здравствените установи преку имплементација во пракса на веќе донесените законски решенија за заштита од насилството, преземање на подобрени безбедносни мерки во болниците, обука на здравствените работници за важноста на емпатијата во односот со пациентите, како и обука за начините за деескалација на конфликтот, психолошка поддршка на оние кои се соочиле со проблемот, како и кампања за подигнување на јавната свест за важноста од негување на однос на доверба меѓу пациентите и лекарите. Никој не треба да се плаши за својата безбедност додека пружа помош, ниту пак пациентите треба да се чувствуваат несигурно додека ја добиваат здравствената услуга која им е потребна“, вели проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора.
На иницијатива на Лекарската комора, во 2023 се направени измени на Кривичниот законик со што насилството врз здравствените работници е насилство кон службени лица и претставува кривично дело. Со тоа, делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор.