Македонските спортски величини Горан Пандев, Кире Лазаров и Игор Стефановски-Иџе веќе нема да рекламираат казина, обложувалници и продавници за брзи кредити, објави министерот за спорт Борко Ристовски во своето излагање за сработеното во првите 100 дена влада.
Тој кажа дека тие како министерство немаат ништо против која било компанија да финансира спортски клуб или спортска федерација, но не сакаат спортисти и спортски легенди да се појавуваат во реклами за казина, обложувалници и брзи кредити.
„Нашата замерка е во таа насока. Веќе имавме разговори со сите спортисти кои се појавуваат во таквите реклами и направивме еден џентлменски договор. Горан Пандев ни кажа дека веќе нема да рекламира спортска обложувалница, исто така и Иџе. На Кире Лазаров му заврши договорот со казината што ги рекламираше и кажа дека нема да го продолжи“, рече Ристовски на прес-конференцијата во Владата.
Тој додаде дека се надева дека многу брзо ќе ги видиме овие личности од другата страна, како промовираат вистински вредности.