ЛАЖЕВ ДЕКА СУМ БРЕМЕНА ЗА ДА ПРЕСТАНАТ ДА МЕ ТЕПААТ, СВЕДОЧЕШЕ ФРОСИНА РЕМЕНСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО

    ЛАЖЕВ ДЕКА СУМ БРЕМЕНА ЗА ДА ПРЕСТАНАТ ДА МЕ ТЕПААТ, СВЕДОЧЕШЕ ФРОСИНА РЕМЕНСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТОПратеничката Фросина Ременски сведочеше дека од влезот на напаѓачите во прес-центарот до нивната евакуација поминале точно 2 часа и 5 минути, бидејќи го забележала времето кога влегла групата насилници (Фото: К. Попов)

    Лажев дека сум бремена за да престанат да нè тепаат, рече пратеничката Фросина Ременски, која денеска трета сведочеше на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Сведочејќи, Ременски рече дека кога напаѓачите влегле во прес-центарот таа била во галеријата и гледала како тие ги тепаат пратениците со сè што ќе им дојде при рака.

    „Јас и Павле (Богоевски) стоевме на оградата на галеријата, другите пратеници беа скриени во кабините. Во еден момент, напаѓачите нè забележаа и рекоа ‘ене го шарениот и Ременска, одиме по нив’. Кога дојдоа горе му реков на Павле во толпа не се тепа, сè што треба ќе издржиме. Ни се закануваа – ќе ве убиеме, ќе ве нема, а еден повозрасен напаѓач цело време ме клоцаше и удираше по стомак. Во еден момент со клоца толку силно ме удри по стомак, по што почнав да се превиткувам. Еден друг напаѓач ме праша – што е, да не си трудна, му реков да. Свесно излажав за да спречам идни напади во галеријата”, рече во сведочењето Ременски по прашањата на Јавното обвинителство.

    Ременски сведочеше дека од влезот на напаѓачите во прес-центарот до нивната евакуација поминале точно 2 часа и 5 минути, бидејќи го забележала времето кога влегла групата насилници. И Ременски, како и другите двајца претходни сведоци пратениците Дамјан Манчевски и Илија Николовски, рече дека луѓе кои се првпат во Собранието не можат толку лесно да го најдат прес-центарот, бидејќи Собранието е специфично и дури и тие како пратеници не можат толку лесно да се ориентираат во него.

    Ременски кажа дека лицата кои биле со фантомки комуницирале со некого преку уреди под фантомките и се движеле кон Зоран Заев, Зијадин Села, Реџаил Исмаили и Талат Џафери.

    „Во еден момент слушнав истрел и знаев дека долу нешто лошо се случува. Потоа чув како зборуваат сега ќе се смири, Села е мртов“, рече во сведочењето Ременски, додавајќи дека не добиле помош од собраниското обезбедување, него го немало во прес-центарот.

    На денешното рочиште на судењето, во кое 33 се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, прв сведочеше министерот Дамјан Манчевски, следеше Илија Николовски, а по Фросина Ременски следува пратеникот Павле Богоевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира