ЛЕКАР СПЕЦИЈАЛИЗАНТ СЕ ЗАКАНУВА ДЕКА ЌЕ ИМ ГИ ИСЕЧЕ ПРСТИТЕ НА НОВИНАРИТЕ ОД 9 МЕДИУМИ ЗАШТО ПРЕНЕЛЕ ВЕСТ ОД СРПСКИ „КУРИР“ ЗА ТАТКО МУ

    ЛЕКАР СПЕЦИЈАЛИЗАНТ СЕ ЗАКАНУВА ДЕКА ЌЕ ИМ ГИ ИСЕЧЕ ПРСТИТЕ НА НОВИНАРИТЕ ОД 9 МЕДИУМИ ЗАШТО ПРЕНЕЛЕ ВЕСТ ОД СРПСКИ „КУРИР“ ЗА ТАТКО МУНовинарите од 9 македонски медиуми само ја пренеле веста од српски „Курир“ за лекар од Македонија. (Фото: Курир/принтскрин)

    Локалните медиуми од тетовскиот регион бараат брза и праведна реакција од обвинителството и од полицијата откако лекар-специјализант, син на познат лекар од Тетово, во континуитет им се заканува по нивниот и по животот на децата и семејството, само затоа што пренеле вест од српскиот весник „Курир“.

    Тој во низа постови на профилот на Фејсбук, со пиши-бриши методи се заканува, наведувајќи ги медиумите: „Без цензура“, „ТВ 21“, Газета експрес“, „Тетова сот“, „Коха Тв“, „Коха њуз“, „Куманова сот“, „ТВ Шења“, „Лајми прес“ и им порачува: „Јас работата ќе ја загубам, ама вам животот ќе ви го земам каде и да сте!“.

    Обвинителството итно отвори предистражна постапка за заканите по животот на новинарите што ја пренеле веста од српскиот медиум, во која пишувало дека таткото на заканувачот, како лекар, се понудил да помогне во пандемијата од коронавирус во Србија со својата стручност.

    „Обвинителството е усно известено за настанот. Дадени се насоки на СВР Тетово да ги испита наводите, да ја провери Ај-Пи адресата на пријавениот и други наредби. Кога ќе го заврши тоа полицијата, ако има основ, ќе треба до ОЈО Тетово да поднесе соодветна кривична пријава“, ни изјавија денеска од Јавното обвинителство на Македонија.

    Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера остро реагираше по упатените закани од лицето А.Е. за новинарски текстови.

    ЗНМ најостро реагира на јавно искажаните закани по животот како и омаловажувања искажани на профилот на социјалните мрежи на лицето А. Е. и ги повикува МВР и Основното Јавно Обвинителство Тетово итно да постапат со цел да не се доведат нашите колеги во безбедносен ризик. На социјална мрежа Фејсбук, личност со профил именуван како А. Е. неодамна објави заканувачки текст проследен со вулгарни зборови кон медиумите: ‘Без цензура’, ‘ТВ 21’, ‘Газета експрес’, ‘Тетова сот’, ‘Коха Тв’, ‘Коха њуз’, ‘Куманова сот’, ‘ТВ Шења’, ‘Лајми прес’. Тој во својата објава јавно се заканува на новинари кои работат во овие медиуми со зборовите: ‘Ќе ви ги сечам прстите’, ‘Јас работата ќе ја загубам, ама вам животот ќе ви го земам каде и да сте’, ‘Не полицијата, туку ни војската не може да ве спаси, жените, вас и сестрите ќе ви ги силувам’, ‘Децата ќе ви ги…’

    Заканите од синот доаѓаат по преземената вест, според која таткото на А.Е. наводно се понудил да работи во Србија, по што следеле разни реакции на социјалните мрежи за неговата хумана намера.

    ЗНМ и самото поднело барање до МВР и до СВР Тетово, за брзо постапување во врска со овој случај и за изрекување итни мерки против лицето А.Е..

    Експлицитните закани по животот на новинарите и членови блиски до нивното семејство мора да бидат санкционирани со цел новинарите да можат безбедно ја вршат својата професија“, вели Здружението.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира