ЛЕКАРИ НА ОРТОПЕДИЈА ВО СКОПЈЕ ОДБИЛЕ ДА ГО ОПЕРИРААТ ОТИ БИЛ ХИВ ПОЗИТИВЕН

    ЛЕКАРИ НА ОРТОПЕДИЈА ВО СКОПЈЕ ОДБИЛЕ ДА ГО ОПЕРИРААТ ОТИ БИЛ ХИВ ПОЗИТИВЕН

    Лекари од Клиниката за ортопедски болести лани одбиле да оперираат  пациент со ХИВ инфекција, од страв дека може да се заразат.
    Елизабета Божиноска, од невладината ХЕРА, објасни дека пациентот со ХИВ инфекција претходно бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, а поради влошена здравствена состојба од лекар од Клиниката за ортопедски болести му била констатирана дополнителна дијагноза со препорака за ампутација на стапалото од едната нога.
    “На пациентот му било утврдено дека има дијабетично стапало и препорачале ампутација, а кога тој му соопштил на хирургот што требало да го оперира дека е со ХИВ статус, тој одбил да ја изврши интервенцијата и рекол дека му е страв да не се зарази и му препорачал друг хирург. И вториот хирург одбил да ја изврши ампутацијата и препорачал пациентот да се обрати во две други здравствени установи“, вели Божиноска.
    Таа објасни дека пациентот се обратил во двете болници препорачани од Клиниката за ортопедија, но оттаму му рекле дека ампутација може да му направат само на Клиниката за ортопедски болести.
    “По 25 дена од првиот обид за преглед и за операција и шест обиди да добие здарвствена услуга, пациентот не ја добил потребната медицинска грижа.Откако случајот е пријавен во здружението „Зедно посилни“, тоа заедно со Клиниката за инфективни болести реагирале до Ортопедија да му се пружи потребната медицинска помош. При тоа било утврдено дека веќе нема потреба од ампутација, бидејќи состојбата се повлекла“, вели Божиноска.
    Случајот го евидентирало здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ “Заедно Посилни“, а е дел од годишниот извештај на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.
    Божиновска објасни дека здружението “Заедно посилни“ побарало да интервенира и Министерството за здравство и Државниот санитарен инспекторат, но дека работата се одолговлекла повеќе месеци и дека во меѓувреме лицето со ХИВ се откажало од тоа да ја тера постапката до крај.
    “Препорачуваме Министерството за здравство да ги преземе сите мерки за постојана едукација на медицинскиот персонал за почитување на правата на пациентите. Овој случај покажува колку здравствените работници се неедуцирани за начинот на пренос на инфекцијата и дека не се потребни специјални услови за лицата со ХИВ да ја добијат потребната здравствена помош“, вели Божиноска.
    Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници повторно реагираше на намалениот буџет од Програмата на Министерството за здравство за терапија и превенција на ХИВ, со барање овие ставки да се корегираат, бидејќи од први јули ќе мора да згаснат превентивните сервиси што ги обезбедуваат повеќе граѓански организации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира