ЛЕКАРИТЕ БАРААТ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТАТА ПОВИСОКО ОД 5 ОТСТО

    ЛЕКАРИТЕ БАРААТ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТАТА ПОВИСОКО ОД 5 ОТСТОСамостојниот синдикат на клиничките центри вели дека претсавниците што биле на преговори за предлог буџетот кај министерот за финансии Драган Тевдовски се нелегитимни и бараат итна средба со премиерот Зоран Заев. - Клинички центар во Скопје (Фото: СДК.МК)

    За лекарите е неприфатливо платите догодина да им се зголемат само за пет отсто, како што е предвидено со предлог буџетот за 2018 година, кој што Министерството за финансии вчера го презентираше на јавна расправа. Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на клиничките центри соопшти дека бара итна средба со премиерот Зоран Заев, бидејќи во моментов нема ресорен министер во здравството, откако досегашниот министер Арбен Таравари на локалните избори кои завршија минатиот викенд, беше избран за градоначалник на Гостивар.

    „Спротивно на јавно декларираната заложба на Владата за задржување на докторите, медицинските сестри и останатите вработени во здравството, Синдикатот на Клиничките центри смета дека предложениот буџет за 2018 година во делот за платите на вработените во јавното здравство, претставува дополнителен поттик за одлевање на докторите, медицинските сестри и останатиот персонал вработен во јавните здравствени установи“, стои во соопштението до јавноста од Самостојниот синдикат на клиничките центри.

    Од Синдикатот велат дека од претходните преговори со министерот Таравари и со премиерот Заев биле многу задоволни, бидејќи биле во правец на програмата на Владата, која била понудена при нејзиниот избор во Собрание.

    „Сакаме да истакнеме дека синдикалните претставници на одржаниот состанок со министерот за финансии Драган Тевдовски за предлог буџетот во делот на здравството ги сметаме за нелегитимни. Нашиот Синдикат е спремен за дијалог и преговори за надминување на овој проблем, и бараме итен прием кај премиерот“, стои во сооптението од Самостојниот синдикат на клиничките центри.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира