ЛЕКАРСКАТА КОМОРА БАРА ФЗО ДА ГИ ПОВЛЕЧЕ КАЗНИТЕ ЗА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ КОИ СРЕДЕ ПАНДЕМИЈА ПРЕПИШУВАЛЕ ПРОДОЛЖУВАЊЕ ТЕРАПИЈА БЕЗ СПЕЦИЈАЛИСТ

    ЛЕКАРСКАТА КОМОРА БАРА ФЗО ДА ГИ ПОВЛЕЧЕ КАЗНИТЕ ЗА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ КОИ СРЕДЕ ПАНДЕМИЈА ПРЕПИШУВАЛЕ ПРОДОЛЖУВАЊЕ ТЕРАПИЈА БЕЗ СПЕЦИЈАЛИСТМатични лекари пред Божик добиле решенија за казни за нивните ординации, поради препишани лекарства кои пациентите морале да ги добијат за да нема опасност за здравјето. (Фото: СФК.МК)


    Лекарската комора ја осуди наплатата на изречените казни за матичните лекари од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), кое се случува во време во кое целиот здравствен систем, а особено докторите од примарното здравство се исцрпени од борбата со пандемијата предизвикана од ковид-19. Комората реагира за казните кои се изречени за административни пропусти во работењето и не се поврзани со пропусти во лекувањето.

    Матични лекари пред Божик добиле решенија за казни за нивните ординации, поради препишани лекарства кои пациентите морале да ги добијат, во спротивно би било доведено во прашање нивното здравје. Тоа биле лекови за кои требало да се бара препорака од специјалист, која има важност од една година.

    „Матичните лекари се првиот контакт на пациентот со здравствениот систем и тие треба да се мотивирани и да имаат механизми здравствените проблеми на болните да ги решаваат брзо и ефикасно на примарно ниво, а не да ги проследуваат пациентите непотребно до другите нивоа на здравствениот систем, што се наметнува поради некои важечки прописи како што е режимот за препишување на лекови. Имено, матичните доктори во местата каде што нема специјалисти по одредени специјалности, лековите за хронична терапија кои требале да бидат препишани врз основа на претходна препорака, односно медицински извештај од одреден специјалист, ги препишувале врз основ на медицински извештаи од специјалисти кои согласно режимот на препишување на лекови немале право да ги препишуваат. Ова се правело со цел да излезат во пресрет на потребите на пациентите. На докторот приоритет му е обезбедување на континуитет во лекувањето на пациентите, а здравствената регулатива треба да биде во функција на овој приоритет“, велат од Лекарската комора.

    Од Комората велат неколку пати досега реагирале до ФЗО со барање да се повлечат казните и нивно ревидирање, како и промени на казнената регулатива на Фондот.

    На почетокот на месецов, за казните на матичните лекари реагираше и Здружение на приватни лекари (ЗПЛМ.

    „Имавме средба летото минатата година со министерот за здравство и директорот на Фондот за здравство (ФЗО), на која реагиравме за третманот, нема награди за матичните, но има казни. Уште во 2019, матичните реагираа со протест за казнената политика и баравме промени. Тоа за што се казнети матичните лекари не се професионални грешки, туку административни, по правилници од 2008. Со години бараме тие да се сменат. Не значи дека ако директорите во Фондот се менуваат, нема да важат ветувањата што ги дал некој друг пред нив“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на ЗПЛМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира