МАТИЧНИ ЛЕКАРИ КАЗНЕТИ ОД ФЗО ОТИ СРЕДЕ ПАНДЕМИЈА ПРЕПИШУВАЛЕ ПРОДОЛЖУВАЊЕ ТЕРАПИЈА БЕЗ СПЕЦИЈАЛИСТ

    МАТИЧНИ ЛЕКАРИ КАЗНЕТИ ОД ФЗО ОТИ СРЕДЕ ПАНДЕМИЈА ПРЕПИШУВАЛЕ ПРОДОЛЖУВАЊЕ ТЕРАПИЈА БЕЗ СПЕЦИЈАЛИСТД-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека ваквиот третман од ФЗО е крајно понижувачки за матичните лекари. (Фото: СДК.МК)

    Матични лекари пред Божик добиле решенија за казни за нивните ординации, за прекршоци од 2019. Како што велат, казните се поради административни грешки во работењето. За ова реагирале до нивното Здружение на приватни лекари (ЗПЛМ). Д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на ЗПЛМ, вели дека изречените казни биле за препишани лекарства кои пациентите морале да ги добијат, во спротивно би било доведено во прашање нивното здравје. Тоа биле лекови за кои требало да се бара препорака од специјалист, која има важност од една година.

    „Што е важно, пациентот да е жив или да го враќаме оти минал периодо да оди по специјалист, да чека во услови на пандемија да добие термин, па да се враќа за да го препишеме лекот? Администрацијата излезе поважна од здравјето. Има случаи кога матичните пишале по грешка некоја шифра, и тоа ли е за казна? Вака ли Фондот на здравство се однесува кон здравјето на пациентите? Награда и стимулации нема, но казни и контроли и записници од по неколку страни има. Грешки на администрацијата во Влада, во Фондовите има, а кој ги казнува, има ли казни за нив?“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

    Таа вели дека ваквиот однос и третман е крајно понижувачки за матичните лекари.

    „Имавме средба летото минатата година со министерот за здравство и директорот на Фондот за здравство (ФЗО), на која реагиравме за третманот, нема награди за матичните, но има казни. Уште во 2019, матичните реагираа со протест за казнената политика и баравме промени. Тоа за што се казнети матичните лекари не се професионални грешки, туку административни, по правилници од 2008. Со години бараме тие да се сменат. Не значи дека ако директорите во Фондот се менуваат, нема да важат ветувањата што ги дал некој друг пред нив“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на ЗПЛМ.

    На прашањето дали е можен штрајк на матичните лркари поради вакви казни, таа не даде прецизен одговор, но кажа дека револтот кај колегите е голем.

    Од Фондот за здравство, во писмената реакција на забелешките на матичните лекари велат дека тие изминатиот период ја олесниле казнената политика спрема здравствените установи.

    „Во текот на 2019 година, со склучување на анекс на договори беа драстично намалени договорните казни. Воведен е мораториум – мирување, одлагање за изрекување на договорни казни за период од 01.01.2019 до 30.06.2019 година. Во текот на 2020 година, Фондот значително ги намали контролите во здравствените установи, со цел да излезе во пресрет на лекарите кои се справуваа со пандемијата на ковид-19. При разгледување на записниците од извршените контроли во здравствените установи, ги зема во предвид сите олеснителни околности, со тоа што за сторени повреди на договорните обврски кои опфатија период на важењето на два договора, секогаш ја изрекуваше помалата договорна казна“, се вели во акцијата на Фондот за здравство.

    Од Фондот велат дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, следејќи ги препораките на Светска здравствена организација (СЗО), донеле низа мерки заради спречување на ширење на коронавирусот.

    „Продолжено е важењето на специјалистичките извештаи, отпусни писма и конзилијарни мислења на повеќе од една година, заради непречено издавање на рецепти, боледување и ортопедски помагала на осигурените лица. Избраните лекари во периодот на траење на мерката не ги повикуваа осигурените лица на превентивни прегледи. Избраните лекари имаат право да препишуваат лекови на рецепт од Листата на лекови на товар на Фондот – антибиотици и анксиолитици – над дозволениот лимит, кои се неопходни при третман и лекување на осигурените лица заболени од коронавирусот“, велат од ФЗО.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира