ЛЕКАРСКАТА КОМОРА БАРА ПОЛИЦИСКА ЗАШТИТА ЗА ЛЕКАРИТЕ ОТКАКО БЕА НАПАДНАТИ ДВАЈЦА КОЛЕГИ НА КЛИНИКИТЕ ВО СКОПЈЕ

    ЛЕКАРСКАТА КОМОРА БАРА ПОЛИЦИСКА ЗАШТИТА ЗА ЛЕКАРИТЕ ОТКАКО БЕА НАПАДНАТИ ДВАЈЦА КОЛЕГИ НА КЛИНИКИТЕ ВО СКОПЈЕЛекарската комора бара заштита на лекарите по зачестените напади врз нив -Д-р Калина Старделова-Гривчева, претседател на Лекарската комора (Фото:СДК.МК)

    Лекарската комора бара заштита на лекарите од Министерството за внатрешни работи и од Министерството за здравство по инцидентите од минатата недела, во која беа нападнати лекари и здравствени работници од пациенти или нивни роднини.

    Калина Гривчева-Старделова, претседател на Лекарската комора, вели дека писмено побарале МВР и Министерството за здравство да преземат мерки и секој напад врз лекар да се смета како напад врз службено лице. Таа вели дека апелира на смиреност и од двете страни.

    „Минатата недела имаше два инциденти во кои беа нападнати лекари, односно колешка од Клиниката за неврологија и колега од Ургентен центар. Побаравме да преземат мерки за заштита, бидејќи ние како здравствени работници не може да им ја пружиме потребната здравствена помош доколку се агресивни со нас“, вели Гривчева-Старделова.

    Комората минатата недела излезе со осуда на инцидентот на Клиниката за неврологија и побара тие да се расчистат, и при тоа предупреди дека нападите врз лекарите се многу почеста појава, отколку што се зборува. Гривчева-Старделова вели дека како лекари сочувствуваат со состојбата на секој граѓанин, но дека во услови кога на некој друг му е поитна состојбата, апелира до граѓаните да се воздржат и да почекаат.

    „За колешката веќе реагиравме оти дел од медиумите објавија и побаравме да се расчисти случајот. Беа нападнати и колеги од Ургентен центар и многу често се соочуваме со вакви ситуации. Луѓето се се понервозни, не им се чека, но и ние не може да им помогнеме, ако тие нам не ни помогнат. Секаде се чека ред, и тогаш работата се одвива побрзо и подобро. Никој нема да остане непрегледан или да не му се е даде потребната здравствена грижа, но малку поголема толеранција е потребна и од двете страни. Ние не сме неријатели, а едни со други се однесуваме како непријатели“, вели Старделовоа-Гривчева.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира