ЛЕКУВАЊЕТО ВО СТРАНСТВО СТАНА СИСТЕМ НА ЖЕЛБОТЕКИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ФЗОМ ДЕН ДОНЧЕВ ПО ЗАБЕЛЕШКИТЕ ВО РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈ

    ЛЕКУВАЊЕТО ВО СТРАНСТВО СТАНА СИСТЕМ НА ЖЕЛБОТЕКИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ФЗОМ ДЕН ДОНЧЕВ ПО ЗАБЕЛЕШКИТЕ ВО РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈ„Разгледуваме повеќе опции за избор на референтни центри каде во иднина би ги упатувале осигурениците на лекување во странство“, вели директорот на ФЗОМ Ден Дончев; - Дончев со вториот директор на ФЗОМ Орхан Рамадани (фото: СДК.МК)

    Лекувањето во странство стана систем на желботеки, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување  (ФЗОМ) Ден Дончев, по ревизорскиот извештај за работата на Фондот за минатата година во кој кој даде сериозни забелешки за упатување на пациенти на лекување во странство, а една од нив е дека премногу се одолговлекува постапката и дури во 30 отсто од случаите бил пробиен законскиот рок од 45 дена за носење на решението.

    „Чекањето и одолговлекувањето на постапката не е во Фондот, особено последните 10 месеци. За да може да поднесат барање, треба да имаат конзилијарно мислење од тројца доктори од клиниките и ние не можеме да одобриме лекување ако ги нема потребните документи. Според законските одредби, прво мора да се провери дали таа здравствена услуга може да ја добие во земјава, а потоа да се види во најблиската здравствена установа во странство и по најповолна цена“, вели Дончев, напоменувајќи дека овој извештај се однесува за минатата година и дека тој на функцијата директор во ФЗОМ дојде лани во август.

    Во извештајот на Државниот завод за ревизија стои дека ФЗОМ лани платил 394,6 милиони денари за лекување во странство, а дека во случаите каде се одолговлекла постапката за носење на одлуката влијаеле повеќе фактори, односно поради тоа што за лекување во странство во прв степен одлучуваат и првостепена и второстепена комисија и поради незвршени подготвителни активности од клиниките и можноста комисиите да бараат дополнителни документи и извештаи. Во извештајот на ДЗР стои и дека ФЗОМ нема повратна информација и анализа колку од здравствените услуги во странство се успешни и дали лекувањата се завршени или не, туку сметководството директно ги исплаќа средствата.

    „Не е проблемот во комисиите. За итни случаи одлуките се носат во рок од 48 часа и никого не сме оставиле да чека. Многу малку од барањата се одбиени, а жалбите најчесто се околу изборот на болницата. Ние имаме лимитирани средства и не може да исполнуваме желби на родителите или осигурениците. Ова е многу сензитивна работа, не би сакал погрешно да ме разберат. Ги разбирам и родителите, бидејќи ја изгубија довребата во јавното здравство и дозволивме да се создаде систем на желботеки. Секој родител го сака најдоброто за своето дете, но тоа не значи дека ако за иста и квалитетна здравствена услуга му се одобри на пример лекување во Турција, треба да инсистира лекувањето да биде во некоја од западноевропските земји. Таму и цените се многу повисоки “, рече Дончев.

    Во буџетот на ФЗОМ за оваа година за лекување во странство предвидени се 9 милиони евра.

    Социјалните мрежи од друга страна се преполни со апели за донации за лекување во странство, најчесто за тешки заболувања кај деца. Дончев најави дека договараат со телефонските оператори ВИП и Телеком да се направи систем под кои околности и во кои случаи треба да отвораат телефонски линии за помош.

    „По случајот со Тамара каде имаше целосна летаргичност, до она сега што се случува е дека лекарите премногу се исплашени за да не згрешат и пишуваат препораки за лекување во странство. Не сите пациенти треба да се лекуваат во странство. Сме имале случаи каде осигуреник има препорака за лекување по странство, а по нашите проверки излегло дека таа здравствена услуга може да ја добие и на нашите клиники и тоа многу квалитетно. Сме имале и такви случаи каде пациенти за кои и нашите лекари кажале дека шансите за позитивен исход се многу мали, сме ги пратиле на лекување во странство и таму починале. Во многу случаи каде има апели за донации за лекување во странство се случува тие луѓе воопшто да не поднеле барање до ФЗОМ, па откако ќе се отворат донаторските линии, потоа да го донесат барањето“, вели Дончев.

    Тој вели дека поради сево ова одлучиле да договорат со телефонските оператори да се воспостави систем во кои околности и во кои случаи треба да се отвораат донаторски линиии.

    „Се случува да се соберат средства од донации, па потоа да дојдат кај нас со барање, ние комплетно да го покриеме лекувањето и прашањето е што со средтсвата кои биле собрани од донации“, вели Дончев.

    Тој кажа дека разгледуваат повеќе опции за тоа да се изберат неколку референтни центри во кои би ги упатувале пациентите, со тоа што ќе се бара болниците да задоволат одредени критериуми и квалитети.

    „Преку дефинирани критериуми, како што се акредитации за квалитет, исполнување ИСО стандарди, минимален број на операции што ги направил хирургот кај кој ги препраќаме и ред други работи, за да ги увериме граѓаните дека при изборот на болницата за лекување во странство што ја правиме дека ќе добие квалитетна услуга. Така ќе имаме систем на неколку рефернтни центри каде ќе ги праќаме, и да нема сомнеж дека ќе добијат квалитетна услуга“, вели Дончев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира