ЛЕТОТО 2020 СМРТНОСТА БИЛА ЗГОЛЕМЕНА ЗА 15 ОТСТО ВО СПОРЕДБА СО ЛЕТОТО 2019

    ЛЕТОТО 2020 СМРТНОСТА БИЛА ЗГОЛЕМЕНА ЗА 15 ОТСТО ВО СПОРЕДБА СО ЛЕТОТО 2019Првиот смртен случај од ковид-19 во Македонија беше регистриран на 21 март. - Вработени во погребално претпријатие пред Инфективната клиника (Фото: Ѓ. Личовски)

    Бројот на умрените лица во третото тримесечје од 2020 година (јули, август и септември) бележи зголемување од 15,3 отсто во споредба со истото тримесечје од 2019 година и изнесува 5.419 лицa. Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, вкупно, во однос на летото 2019 починале повеќе 719 лица. Во тој период беа регистрирани 437 починати од ковид-19.

    Најголем број регистрирани смртни случаи поврзани со компликации од ковид-19 имаше во ноември и декември – 1.506 лица, според официјалните бројки на Министерството за здравство. Но, Државниот завод за статистика сè уште нема податоци за вкупно починати во ноември и декември 2020 година, а за ноември ги очекува најрано за две недели, но и тие податоци ќе бидат прелиминарни и нецелосни. За споредба, истите два месеца 2019 година, кога немаше ковид-19 починале вкупно 3.298 лица, според податоците на Државниот завод за статистика.

    Од прелиминарните бројки кои се веќе познати за 2020 година, од јануари до септември во Македонија починале 15.584 лица, што е за 144 повеќе од истиот период во 2019 година. Заклучно со септември 2020, според официјалните бројки на Министерството за здравство, од компликации поврзани со ковид-19 починале 743 лица.

    Бројот на умрените лица во првото тримесечје од 2020 година бележи намалување од 9,4 отсто во споредба со истото тримесечје од 2019 година и изнесува 5.101 лице. Но, во овој период (јануари-март) имаше само 11 починати од ковид-19, а првиот смртен случај од ковид-19 беше регистриран на 21 март.

    Во второто тримесечје (април-јуни) од 2020 година има зголемување на бројката на починати од 3 отсто во споредба со истото тримесечје од 2019 година и изнесува 5.064 лицa. Во овој период беа регистрирани 295 починати од ковид-19, а според податоците на Државниот завод за статистика, има 149 повеќе починати од истиот период 2019 година.

    За споредба, Во САД, според прелиминарните бројки, во 2020 година починале 3,2 милиони луѓе, што е за 400.000 повеќе од 2019 година. Тоа е пораст од 15 отсто, што е најголем процентуален раст од 1918 година, кога десетици илјади американски војници загинаа во Првата светска војна, но и стотици илјади Американци починаа од пандемијата на грип. Таа година бројот на починати порасна за 47 отсто, споредено со 1917 година.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира