Aгенцијата за заштита на личните податоци, без чие осамостојување нема преговори, а ни влез во Европската Унија, е доведена до ниво да работи долго време без директор и само со 16 вработени.
Деновиве уште двајца вработени заминуваат во пензија, а Министерството за финансии не само што одбива да им даде согласност макар и за едно вработување годишно, туку едвај одговара на дописите и предупредувањата што ги пуштаат вработените и заменик-директорката до таму.
Со само 32 отсто вработени од вкупната систематизација, Агенцијата ги покрива сите обврски на терен на територијата на целата држава и располага само со тројца ревизори.
Државата сега и наназад е до толку незаинтересирана за состојбата во Агенцијата (а ЕУ ја смести во кластерот Владеење на правото), што не се ни труди барем да ги вметне во закон европските регулативи за вештачката интелигенција, за податоци, регулативата за управување со податоци, регулативата за европскиот простор за податоци, регулативата за дигиталните услуги. Уште не е вметната ни регулативата за дигиталниот пазар, директивата за информациска сигурност, регулативата за отпорност на критичните ентитети.
Нема вакви закони, односно дополнувања со регулативи пред пратениците во Собранието.
Ова е т.н. дигитален пакет, односно дигитално законодавство, кое треба да се примени кај нас, што ќе предизвика и поголем обем на работа, на контроли и супервизии, а место да се полни Агенцијата за заштита на личните податоци со експерти, таму низ годиниве се случува само одлив и егзодус и на тие неколку кадри што се останати.
Исто така тука влегува и Регулативата за „еидес 2.0.“, измените за дигиталниот паричник.
„Не прашаа за предложените одредби, ние им одговоривме негативно. Не беше како што пишува во Регулативата. Дигиталниот паричник треба всушност да биде нашата дигитална лична карта, дигитален ИД, и во него освен нашите лични податоци, податоците за здравствено осигурување итн. Сите документи треба да ни бидат ставени во еден, преку апликација, на мобилен телефон“, велат од Агенцијата.
Делот за заштита на личните податоци ќе биде на Агенцијата, која ќе ја врши контролата. Затоа им е битно ако се носат овие закони, тоа да не го прават без да ги вклучат и нејзините (неколкумина) вработени.
Дел од овој пакет-закони треба да ги подготви Министерството за дигитална трансформација, дел Министерството за јавна администрација, па за Правда итн.
Агенцијата за заштита на лични податоци, како самостоен орган кој е под Собранието, а не под Владата, побара да ѝ се овозможи функционална независност за управување со човечки ресурси и за самостојно располагање со буџетските средства. Дека вака треба да биде, пишува како во Општата регулатива на ЕУ за заштита на лични податоци, така и во нашиот Закон за заштита на личните податоци.
Агенцијата бара целосно осамостојување, со законски одреден буџет, за самата да обезбеди капацитети и вработени и повеќе да не го моли Министерството за финансии да се смилува да одобри макар и едно вработување годишно. Европската комисија предупреди на ова во Извештајот за напредокот за 2024 година, но игнорирана е и таа.
Низ годиниве, Агенцијата барала од 5 до 11 вработувања годишно, но не успеала да добие ниедно. Една од многубројните и многу одговорни нејзини надлежности за најчувствителната сфера од нашите животи, личните податоци, е и да казнува.
Парите од изречените прекршочни санкции од страна на Агенцијата, одат на сметката на Министерството за финансии.
С. К. ДЕЛЕВСКА