ЛИДЕР НА БАЛКАНОТ Е МАКЕДОНИЈА, НИ ПОМАГА СО РЕАЛНИ СРЕДСТВА, КАЖА УКРАИНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА СРЕДБАТА СО ПЕТРОВСКА ВО КИЕВ

    ЛИДЕР НА БАЛКАНОТ Е МАКЕДОНИЈА, НИ ПОМАГА СО РЕАЛНИ СРЕДСТВА, КАЖА УКРАИНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА СРЕДБАТА СО ПЕТРОВСКА ВО КИЕВПетровска рече дека Македонија без двоумење застанала на страната на Украина, бидејќи тоа е страната на правдата, човечкото достоинство и вистината. (Фото: Министерство за одбрана/принтскрин)

    Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников се заблагодари за хуманитарната и воена помош од Македонија на денешната средба во Киев со министерката за одбрана Славјанка Петровска. Тој кажа дека Македонија ја презела лидерската улога меѓу земјите од Балканот кога се работи за испраќање помош во Украина по руската инвазија.

    „Сакам да нагласам дека од Балканот лидерство презеде Северна Македонија бидејќи тие почнаа да ни помагаат со реални средства и продолжуваат да ни помагаат. Тоа е доказ дека вистинските пријатели го докажуваат пријателството со реална помош“, кажа Резников, додавајќи дека украинскиот народ тоа нема да го заборави.

    Петровска рече дека Македонија без двоумење застанала на страната на Украина, бидејќи тоа е страната на правдата, човечкото достоинство и вистината.

    „Jа изразувам мојата почит и поддршка кон вас украинскиот народ, за вашата храброст, истрајност и одлучност да ја одбраните сопствената територија. Ваков чин на брутална агресија и терор врз цивилно население, деца, жени, стари лица се незамисливи за било која цивилизација во 21. век. Затоа од самиот почеток Владата на Република Северна Македонија ја осуди руската агресија врз Украина, која е неоправдана и со ништо не е испровоцирана. Без двоумење застанавме на страната на правдата и човечкото достоинство, на страната на вистината“, кажа Петровска.

    Во Киев, министерката Петровска положи венец на Ѕидот-паметник на паднатите за Украина, а го посети и градот Ирпин, местото каде што украинските сили го запреа напредокот на руските сили кон главниот град Киев.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира