МАКЕДОНИЈА Е НА ТРЕТО МЕСТО ПО РАСТ НА БДП ВО ЕВРОПА, ПО ИРСКА И ДАНСКА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

    МАКЕДОНИЈА Е НА ТРЕТО МЕСТО ПО РАСТ НА БДП ВО ЕВРОПА, ПО ИРСКА И ДАНСКА, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКАДимитриеска-Кочоска рече дека повисок раст имаат само Ирска и Данска. (Фото: Влада на РСМ)

    Согласно податоците на Државниот завод за статистика, реалниот раст на бруто-домашниот производ (БДП) во третиот квартал од 2025 година изнесува 3,8%, рече на денешната прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Министерката кажа дека во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, Македонија е на трето место по раст на БДП, при што повисок раст е забележан во Ирска и Данска.

    „Ова претставува дополнително забрзување на економската активност, по растот од 2,9% во првиот и 3,5% во вториот квартал годинава. Притоа, растот од 3,8% е еден од највисоките во последните неколку години. Во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, согласно податоците за третиот квартал за 2025 година, Македонија е на трето место по раст на БДП, при што повисок раст е забележан во Ирска и Данска. Доколку споредуваме со земјите од регионот, за третиот квартал од 2025 година, растот во Србија изнесува 2,0%, во Црна Гора 3,1%, во Хрватска 2,3%, во Бугарија 3,1%, во Романија 1,2%. Кумулативно, растот во првите три квартали годинава изнесува 3,4%“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

    Како што кажа министерката, главниот двигател на растот во третото тримесечје се бруто инвестициите, кои се зголемени за 30,6%, како резултат на силниот раст на инвестициите во основни средства.

    „Со ова, од аспект на инвестиции, ова тримесечје е едно од најуспешните од кога се мери економската активност на земјата. Податоците за растот на инвестициите се најдобар показател за високата доверба на инвеститорите во домашната економија. Високиот раст на инвестициите во овој период доаѓа како комбинација на неколку позитивни трендови во економијата. Притоа, се истакнува придонесот на инвестициската активност на домашните претпријатија, имајќи ја во вид високата искористеност и заинтересираност за поволната кредитна линија обезбедена од Владата“, рече министерката и додаде:

    „Важен придонес кон растот на инвестициите имаше и силната посветеност на Владата на капиталните инвестиции и оптимизацијата на нивните трошоци, динамика, и услови за градба. Оптимизацијата на капиталните инвестиции значеше и интензивирана реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, како што се коридор 8 и 10. Дополнително, значаен двигател на бруто-инвестициите беше и поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел порамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните“.

    Освен инвестициите, придонес кон растот има и финалната потрошувачка со раст од 1,8%. Растот во градежништвото е 21%, услугите бележат раст од 2,9%, информациите и комуникациите од 7,4%, стручните, научните, и техничките дејности од 6,1%; како и трговијата и транспортот од 2,6%. Индустријата, како што кажа министерката, се зголеми за 1,3%, при раст на преработувачката индустрија од 2,5%. Забележителен е и растот на земјоделството од 4,0%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира