МАКЕДОНИЈА ЕДНАШ ГО СМЕНИ УСТАВОТ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ГРЧКИТЕ БАРАЊА

    МАКЕДОНИЈА ЕДНАШ ГО СМЕНИ УСТАВОТ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ГРЧКИТЕ БАРАЊАПремиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција со спортски работници за 10-годишната стратегија за спорт. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека како Влада ќе направат сè за да изнајдат решение на спорот со името, но не по секоја цена, а за промена на Уставот, како што бара Грција, рече дека тој е веќе променет во 1993 година.

    „Став на Владата е дека е прифатливо име со географска одредница. Тоа го темелам на внатрешната дебата која што ја имаме во Македонија. Достоинството и идентитетот се важни, јас сум убеден дека Македонија може со консензус по ова прашање да најде решение во интерес на иднината“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција за 10-годишната стратегија за спортот.

    На прашање дали решението вклучува промена на Уставот на Македонија, Заев рече дека тоа се ставови на Грците, но дека ние во Македонија имаме други ставови и услови.

    „Македонија го промени својот Устав во 1993 година и тоа е голем чекор. Во моментот сè што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, иредентистички побуди. Многу е важно да успееме, мило ми е што имаме пријателски односи. Секако постојат радикални структури и тука и во Грција, но треба да направиме се да се изнајде решение“, изјави Заев.

    Тој најави дека веќе следната недела најверојатно ќе има средба помеѓу министрите за надворешни работи на двете земји.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира