Во Македонија има многу голем број болници и болничкиот сектор е фрагментиран, се дел од забелешките од истражувањето на мисијата на Светската здравствена организација (СЗО) за болничкиот сектор во земјава, спроведено во март 2024.
„Ние имаме, зависно како ги броиме, околу 70 болници на 1,8 милиони жители. Голем дел од нив се недоволно искористени, кај голем дел се преклопуваат здравствените услуги нерационално. Една од препораките на експертите е да се направи интегрирање на универзитетските клиники во единствен координиран систем заради подобра искористеност на ресурсите и оптимизација на истите. Тука би сакала да нагласам дека препораката се однесува на интегрирање на клиниките, а не само на административно спојување во еден правен субјект“, рече д-р Јана Марин, консултантка на СЗО на денешната презентација.
Меѓу наодите се: хроничен недостаток на здравствени работници, особено во специјализираните области, многу болници во државава немаат потребна инфраструктура за да обезбедат модерни здравствени услуги, застарена опрема, а некаде каде што има опрема, нема персонал кој би ја употребувал.
За управувањето на болниците констатирано било дека е често под политичко влијание. Тие политички назначувања на директори многу често биле проследени со недостаток на јасно дефинирана рамка на одговорност.
Mинистерот за здравство Арбен Таравари кажа дека според извештајот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) од 2023, најголемиот дел од јавните расходи се насочени кон секундарна и терцијарна заштита.
„Половина од болничките кревети се во Скопје, што создава нерамномерна распределба и предизвици за региони со ограничен пристап. Постојат значителни разлики во искористеноста на болничките кревети, при што само мал број специјалности постигнуваат оптимално искористување од 80 до 85 отсто, додека повеќето имаат искористеност од 30 до 50 проценти. Ова укажува на потреба од рационализација и подобра функционална распределба“, рече Таравари.
Тој рече дека иднината на болниците ќе биде обликувана преку модернизација на инфраструктурата, реформирање на финансирањето и интеграција на услугите. Како што додаде министерот, Европа веќе применува интегрирани модели што поврзуваат примарна, секундарна и терцијарна здравствена заштита, со цел елиминирање на непотребните препреки и дуплирање на ресурси.
„Болничките капацитети треба да се насочат кон амбулантски услуги, еднодневни и краткотрајни престои, при што се потребни инвестиции во човечки ресурси, подобрување на работните услови и континуирана едукација. Рационализацијата на леглата и интеграцијата на специјализираните болници ќе овозможат фокусирање на акутната нега. Квалитетот и безбедноста на здравствените услуги зависат од соодветна регулатива, стандарди и индикатори за континуирано подобрување“, рече Таравари.