МАКЕДОНИЈА ИЗДАДЕ ЕВРООБВРЗНИЦА ОД 500 МИЛИОНИ ЕВРА

    МАКЕДОНИЈА ИЗДАДЕ ЕВРООБВРЗНИЦА ОД 500 МИЛИОНИ ЕВРАМинистерот за финансии Драган Тевдовски за утре најави прес-конференција за издадената обврзница. (Фото: СДК.МК)

    Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал денес издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од 7 години и каматна стапка од 2,75%, соопшти попладнево Министерството за финансии. Како што велат од министерството, ова е најниска каматна стапка постигната за која било од досега издадените македонски еврообврзници.

    „Ова е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници, како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. За споредба, каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975% и 9,875%“, соопшти Министерството за финансии.

    Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница била во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата.

    Средствата од еврообврзницата, како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, како и за отплата на претходни долгови. Од министерството велат и дека паралелно со издавањето на еврообврзницата, Македонија за првпат изврши и делумен предвремен откуп на постоечка еврообврзница.

    „Извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка на издавање од 4,875% е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%. Покрај каматните заштеди, со предвремениот откуп се намалува долгот кој достасува во 2020 година, односно значително се намалува ризикот од рефинансирање“, додаваат од министерството.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари