Австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл вели дека Македонија ја исполнила задачата за отворање преговори за членство во Европската унија, пренесе дописничката на државната агенција МИА од Брисел. Нарекувајќи нè Северна Македонија, Кнајсл рече дека задачата била да се стаса до решение за проблемот со името и сега е во прашање кредибилитетот на ЕУ.
„Не можам да зборувам во име на сите 27 земји, но во наши очи не станува збор да им се подари нешто на овие земји туку ова е прашање на логика. Им дадовме задачи на Албанија и на Македонија, на Северна Македонија како што е правилното ново име на оваа земја, им поставувавме цели што треба да се постигнат и им рековме да ги исполнат. Во случајот на Северна Македонија рековме треба да се стаса до решение за проблемот со името и ако Албанија направи реформи во судството, тогаш ќе стане збор за нашиот кредибилитет да се започне со механизмот. Тука ЕК и Федерика Могерини ја имаат поддршката на Австрија“, изјави Кнајсл, одговарајќи на новинарско прашање за отворањето преговори со Македонија и Албанија.