Македонија ќе ѝ донира стари тенкови на украинската војска, додека истовремено планира да ја модернизира својата армија согласно НАТО стандардите, потврди Министерството за одбрана. Оттаму додаваат дека тенковите ќе бидат испорачани откако ќе бидат надградени.
„Согласно донесените одлуки од страна на Владата, Република Северна Македонија во неколку наврати донираше воена опрема за Украина, во согласност со нејзините барања и потреби, а во координација со сојузниците. Владата сега одлучи да донира и одредено количество од тенковските капацитети на македонската армија“, соопшти Министерството.
Бројот на тенкови што ќе бидат донирани не е прецизиран, но се нагласува дека тие припаѓаат на таканаречената трета генерација главни борбени тенкови од 1970-ите и 1980-ите. Македонија моментално располага со 30-ина тенкови од типот „Т-72“ од советско производство.
„Северна Македонија во наредниот период ќе изврши трансформација, односно расформирање на тенковскиот баталјон и ќе пристапи кон воспоставување на современи противоклопни способности и капацитети на армијата“, велат од Министерството за одбрана, додавајќи дека во тек е набавка на лесни оклопни возила на тркала, согласно договорот со американската влада.