МАКЕДОНИЈА НЕ БАРА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО КАКО ПОДАРОК, ТУКУ ПОРАДИ ИСПОЛНЕТИ КРИТЕРИУМИ, РЕЧЕ ШЕКЕРИНСКА ВО ОХРИД

    МАКЕДОНИЈА НЕ БАРА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО КАКО ПОДАРОК, ТУКУ ПОРАДИ ИСПОЛНЕТИ КРИТЕРИУМИ, РЕЧЕ ШЕКЕРИНСКА ВО ОХРИДШекеринска вели дека Македонија полека излегува од еден тежок период предизвикан од продолжената политичка криза-Заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД Лора Купер, премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска на состанокот на министри за одбрана на САД-Јадранска повелба во Охрид (Фото:Ѓ. Личовски)

    Република Македонија не бара членството во НАТО да го добие како подарок. Тоа не е стекнато право, туку резултат на исполнети критериуми и континуирана стабилност, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на состанок на министри за одбрана на САД-Јадранска повелба кој се одржува во Охрид.

    Министерката Шекеринска потенцираше дека Владата е решителна за решавање на сите проблеми кои досега непотребно се развлекуваа, ги оптоваруваа односите со нашите соседи, а се наметнаа како реални пречки на Македонија за влез во Европската унија и на НАТО.

    „Македонија полека излегува од еден тежок период предизвикан од продолжената политичка криза. Период полн со предизвици, во кој граѓаните покажаа мудрост, зрелост, одважност и демократски капацитет и недвосмислено се изјаснија за насоката кон која посакуваат земјата да се движи и стратешките приоритети“, рече Шекеринска.

    Премиерот Зоран Заев рече дека Јадранската повелба била мотивација земјите-членки за рекордно време да ги исполнат стандардите за членство во НАТО, но жали што Македонија во Букурешт не влезе во Алијансата поради спорот со Грција, иако Македонија ги исполнила сите критериуми

    „Од тогаш Македонија беше втурната во ретроградни политички процеси кои кулминираа со најтешка политичка криза во земјата по осамостојувањето. Но, демократските сили на Македонија со слободоумните граѓани на земјата се издигнаа над кризата и апатијата и ја вратија надежта. Граѓаните се определија за градење силна демократија, почит на човековите права, добро владењее, стратешка инвестиција“, рече Заев.

    На состанокот во Охрид учествуваат заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД Лора Купер, министри за одбрана или официјални претставници на земјите членки на Јадранската повелба А-5, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Црна Гора, како и министерот за одбрана на Бугарија, и министрите за одбрана или официјални претставници на земјите набљудувачи, Косово, Србија и Словенија.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира