МАКЕДОНИЈА НЕМА НАПРЕДОК ВО СУДСТВОТО И ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА, СЕ ВЕЛИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

    МАКЕДОНИЈА НЕМА НАПРЕДОК ВО СУДСТВОТО И ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА, СЕ ВЕЛИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈАЕвропската комисија смета дека „европското знаменце“ се употребува премногу и понекогаш несоодветно при носењето закони. (Фото: СДК.МК)

    Нема напредок во правосудниот систем во Македонија, се вели во редовниот годишен извештај на Европската комисија (ЕК) за земјите кандидатки за членство во ЕУ. Судскиот совет е издвоен во извештајот за контроверзното разрешување на претседателката Весна Дамева и тоа предизвика грижи за штетно политичко влијание.

    Нема напредок ниту во превенцијата и борбата против корупција. Во извештајот се вели дека корупцијата останува распространета во многу области и предизвикува грижи. Понатаму, се забележува дека судењата за висока корупција се одложуваат и враќаат на повторно судење, што во некои случаи резултира со застарување на делата.

    Европската комисија смета дека експресно донесените измени на Кривичниот законик за намалување на максималните казни за случаите на корупција штетно влијаат на способноста на властите да истражуваат и гонат такви дела.

    Македонија е пофалена дека има добар напредок во целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Од ЕК велат дека постоечките билатерални договори треба да се имплементираат со добра волја од сите страни, вклучувајќи ги Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.

    Во однос на регионалната соработка, во извештајот се вели дека земјата одржува добри односи со другите земји кандидатки за членство во ЕУ. Македонија е добро подготвена во однос на зелената агенда, исто како и во однос на животната средина и климатските промени, се вели во извештајот.

    Работата на парламентот беше нарушена од политичка поларизација, која што се продлабочи дополнително, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони. Европската комисија смета дека „европското знаменце“ се употребува премногу и понекогаш несоодветно при носењето закони.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира