МАКЕДОНИЈА ПАТ КОНЕЧНО ДОБИ НАЛОГ ДА ГО ИСЧИСТИ ЃУБРЕТО НА ПАТОТ КОН ОХРИД

    МАКЕДОНИЈА ПАТ КОНЕЧНО ДОБИ НАЛОГ ДА ГО ИСЧИСТИ ЃУБРЕТО НА ПАТОТ КОН ОХРИДПред семафорите кај Стража се шири реа оти граѓаните не само што фрлаат ѓубре, туку сега и мочаат врз него - (фото:СДК.МК)

    Ѓубре што се распаѓа и што смрди на мочки е расфрлано долж патот за Охрид кај планинскиот превој Стража. Комунален смет, пластични ќеси и шишиња има речиси на секој паркинг, но најалармантна е состојбата кај Стража, бидејќи несовесни граѓани го користат моментот додека чекаат на семафорите каде што се обновуваат мостовите од автомобилите да го исфрлат сето ѓубре што го имаат. Освен кај семафорите, купишта ѓубре има и на самата Стража. Ваква е сликата за патот кон Охрид цело лето, а сега веќе се шири и реа не само од ѓубрето што се распаѓа, туку и затоа што граѓаните сега и мочаат врз него.

    Во непосредна близина на семафорите во сообраќајните шпицови има и полициски патроли, но полицајците никого не казнуваат за фрлањето ѓубре покрај патот иако во Македонија има закон за комунална хигиена.

    За ѓубрето и смрдеата на Стража цело лето се водат и дебати и на социјалните мрежи. Кога институциите не си  ја вршат работата за која се платени, самите граѓани се претвараат во дежурна комунална инспекција. Постојано постираат слики од расфралниот смет и бараат надлежните да интервенираат. Дел од нив предлагаат и остри парични казни против несовесните граѓани кои фрлаат ѓубре на патот и во животната средина.

    Во дискусијата на социјалните мрежи вчера се вклучи и поранешната американска амбасадорка во земјава Џилијан Миловановиќ, која рече дека е неопходна повеќегодишна и сеопфатна кампања за подигање на јавната свест. Таа рече дека ваков проблем во доцните 50-ти години на минатиот век имало и во САД, но дека тоа го решиле со континуирани кампањи.

    Многу често странските амбасади со седиште во Скопје организираат акции за чистење на ѓубрето во различни делови од Македонија.

    Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека денес издале налог до ЈП„Македонија пат“ и до градежната фирма која го гради патот на делницата Гостивар-Кичево, веднаш да преземат преки за расчистување на сметот на патниот правец кон Охрид во делот пред и по Стража, како и во иднина да се грижат за оддржување на хигиената на патот.

    Од ЈП„Македонија пат“, кое по договор со ЈП за државни патишта ја има превземено обврската за оддржување на патиштата, нема одговор зошто на Стража не е расчистено ѓубрето. Директорот Гајур Кадриу, кадар на ДУИ, е недостапен на неговиот мобилен телефон, а во претпријатието ни рекоа дека нема кој друг да ни одговори, бидејќи се слави Богородица и никој нема на работа.

    Пред околу месец и половина Кадриу рече дека редовно собираат смет од патиштата низ земјава, бидејќи несовесни возачи од своите авотомобили постојано фрлаат ѓуре. Тој тогаш рече дека собрале три камиони ѓубре, но дека луѓето и натаму фрлаат смет покрај патот и дека практично не може да постигнат да го исчистат. Кадриу рече дека на превојот Стража има и тријазични табли на кои стои да не се фрла смет на патот и дека има и соодветни садови за смет каде може да се фрли ѓубрето.

    „Писмено барвме од надлежните, односно од полицијата и комуналната инспекција, да помогнат да се реши овој проблем, односно да постават контроли и несовесните граѓани да ги казнуваат. Повторно апелирам до граѓаните да не фрлаат ѓубре, оти не може да одиме по нив и да собираме“, рече минатиот месец Кадриу.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира