„МАКЕДОНИЈА ПАТ“ НЕ ЈА КОСИ ТРЕВАТА ПОКРАЈ ПАТИШТАТА, ПА „ДРЖАВНИ ПАТИШТА“ ЌЕ АНГАЖИРААТ ПРИВАТНА ФИРМА

    „МАКЕДОНИЈА ПАТ“ НЕ ЈА КОСИ ТРЕВАТА ПОКРАЈ ПАТИШТАТА, ПА „ДРЖАВНИ ПАТИШТА“ ЌЕ АНГАЖИРААТ ПРИВАТНА ФИРМАПатот кај превојот Стража е обраснат со треви и гранки и прегледноста на кривините е намалена - знак пред селото Колари.(Фото: СДК.МК)

    Автопатот од Скопје до Гостивар, а потоа и целата делница на патот до Охрид преку Кичево и Дебрца е обраснат со трева и дрвја. Гранки висат на патот, а заштитната ограда не се гледа оти е покриени со жбунови и треви. Со гранки се затскриени и сообраќајните знаци.

    Ваквата слика не е ништо новo. Секоја летна сезона тревите и зеленилото покрај патиштата не се косат ниту поткаструваат од екипите на ЈП „Македонија пат“ која е задолжена за оддржување на овој коридор. Поради неискосените треви патот е небезбеден, нема прегледност и зголемена е можноста за пожари.

    Интервенираме, но поради врнежливиот период нормално е тревата брзо да расте, велат од „Македонија пат“. – знак на патот од Кичево кон селото Извор (Фото: СДК.МК)

    Директорот на ЈП „Македонија пат“ Гајур Кадриу вели дека тие немаат доволно луѓу, ниту механизација и ресурси за да можат да ги одржуваат сите патишта низ земјава.

    „4.700 километри патишта претпријатие како што е ова и во ваква состојба не може да одржува. Работиме, меѓутоа не можеме секаде да постигнеме. Имаме 760 вработени и механизација која е стара и необновена со години. Се пробиваат нови патни правци, а ние ниту имаме нови вработени, ниту нови камиони за да ги одржуваме. Од 1.400 вработени колку што бевме, сега сме преполовени, а Министерството за финансии не ни дозволува нови вработувања. На патот кон Охрид има и градежни работи за пробивање на автопатот. Интервенираме, но поради врнежливиот период нормално е тревата брзо да расте. Но, ќе интервенираме уште утре“, вели Кадриу.

    Директорот Кадриу вели дека потребно е да се промени целосно функционирањето на ова претпријатие и додека тоа не се стори односно не добијат и нови вработени и опрема помош ќе бараат од Јавното претпријатие за државни патишта.

    Патот е небезбеден, нема прегледност и зголемена е можноста за пожари. – спуштање од Стража кон Кичево – (Фото: СДК.МК)

    И директорот на Државни патишта Зоран Китанов вели „Македонија пат“ нема капацитет сама да ги одржува патните правци па затоа како и лани тие распишале тендер за ангажирање на приватна фирма. Тендерот е во финална фаза и веднаш што биде склучен договорот ќе се интервенира долж автопатите.

    „Македонија пат нема капацитет сама да ги одржува патиштата и затоа се договоривме ние да ги преземеме делниците од коридорот 8 и 10, а на нив да останат регионалните патишта. Тендерот е завршен, само чекаме деновиве да помине рокот на жалба. Малку се одложи бидејќи првиот тендер пропадна па потоа имавме претседателски избори. Но, за многу кратко време фирмата која ќе го добие тендерот ќе почне со работа и ваквата состојба ќе биде надмината“, вели Китанов.

    За колку пари и која приватна фирма ќе ги одржува дел од патните правци низ земјава, од Државни патишта велат ќе се знае кога ќе биде склучен договорот, односно откако ќе заврши периодот на жалби.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира